Градоначалникот на Центар вели дека има над 30 управни или кривични постапки за одредени парцели, кои ако се суспендираат тоа би значело штета која отпосле ќе треба да ја плати Општината
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека нема намера тој да побара суспензија на делови од детални урбанистички планови каде што веќе имало отворено управни или кривични постапки за одредени парцели, бидејќи тоа би значело штета што отпосле ќе треба да ја плати Општината. Според неговото објаснување, такви постапки има над 30 на територија на општината, и со заклучокот што вчера го донесе Советот на Општина Центар, Богдановиќ вели дека се допрецизирало кога може да се побара суспензија.
„Отворате постапки за кои сте свесни за одредени прекршувања или за одредени недостатоци кои се јавиле и сега со суспензијата само ќе си пукате во нога. Тоа го зборував и на претходните седници, па затоа советниците побараа дополнителни материјали за да може да го надополнат заклучокот со цел елаборатите таму да бидат поквалитетни. Тоа значи каде што имаме судска постапка или одреден процес, да го запазиме да не направиме штета. А на крајот, секаде каде што има недоследности, тоа ќе си оцени комисијата, потоа Министерството за транспорт и врски, во кои делови ќе имаме суспензија“,
изјави Богдановиќ.
Конкретно, Богдановиќ не одговори дали тоа значи дека нема да побара суспензија за дел од ДУП спроти „Холидеј ин“, каде што притискаат роковите за градба на комплексот од три висококатници, а јавноста се противи поради неусогласеност со ГУП. Неговото образложение е дека ќе се суспендираат делови од планови каде што ќе се утврдат недостатоци, особено на места каде општината планирала објекти од јавен интерес како училиште, градинка, парк, улица или водовод – таму ќе бидат ставени под суспензија.
„Јас свесно да знам дека некои постапки сме ги отвориле и свесно да водам војна со одредени парцели, делови од парцели каде што јасно сме констатирале недостатоци и да сме отвориле милион постапки на раскинување договори, и сега да си пукам во нога, нема да го направам тоа по никоја цена“,
додаде Богдановиќ.
Вчера Советот на Општина Центар ја поништи одлуката од декември 2020 со која градоначалникот беше задолжен да побара суспензија на деталните урбанистички планови кои беа под мораториум и не стигнаа да се усогласат со ГУП до одлуката на Уставниот суд. На седницата беше донесен нов заклучок за поведување постапка по членот 23 од Законот за урбанизам, со кој сега се регулира за кои планови не може да се бара суспензија.
„Деловите од ДУП, кои се опфатени и предизвикуваат правно дејство, кои се предмет на постапки пред надлежни судови и други државни органи, за кои е воочено од страна на стручните служби дека е оправдано да не се предмет на суспензија согласно Законот за урбанизам, нема да бидат земени во предвид при изработката на стручните елаборати кои се основа за суспензија на делот од ДУП, се до конечно завршување на започнатите постапки“,
се наведува во заклучокот на Општина Центар.
Со ова комисијата за урбанизам при општината треба да подготви нови стручни елаборати и да ги испрати до Министерството за транспорт и врски, кое ќе треба да одлучи дали да има суспензија на одреден дел од ДУП.
