Вакцините на „Астра Зенека“ повеќе нема да бидат ограничени да се даваат на лица над 60 години, туку ќе може да ги примат сите полнолетни граѓани на Германија. Оваа одлука ја соопшти германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, и доаѓа откако земјата ја забрза имунизацијата против ковид.
Новина е и тоа што за ревакцинирање со „Астра Зенека“ нема да се чека до 12 недели, туку граѓаните ќе може да ја примат втората доза и за четири недели.
„Лекарите ќе бидат тие кои ќе одлучат кој да се вакцинира и кога“,
додаде Шпан.
Шпан, исто така, информираше дека Германија планира до крајот на август да им понуди вакцинација и на деца на возраст од 12 до 18 години, доколку регулаторите да ја одобрат вакцината на Бионтек/Фајзер за таа возрасна група.
Пред еден месец, Германија одлучи да ја ограничи вакцината на „Астра Зенека“ и да ја дава само на лица постари од 60 години.
Одлуката беше донесена на вонреден состанок на 30 март, откако претходно Германската комисија за вакцини (Стико) ја препорача употребата на вакцината против ковид-19 на „Астра Зенека“ само за лицата над 60 години.
Подоцна, здравствените власти на Германија препорачуваа граѓаните кои примиле прва доза на „Астра Зенека“ а се помлади од 60 години за ревакцинација да примат вакцина од друг производител.