Грчкиот премиер истакна дека намерата е туризмот да биде безбедно отворен, а тоа значи дека ако некој сака да патува во Грција без да биде потребен карантин ќе треба на грчките власти да им покаже сертификат за вакцинација, потврда дека ја прележал болеста или негативен ПЦР или антигенски тест
Во летната сезона Грција ќе дозволи влез на туристи што се вакцинирани и со руската и со кинеската вакцина, потврди грчкиот премиер Киријакос Мицотакис говорејќи во интервју во рамките на конференцијата на „Фајненшл тајмс“ и уште еднаш истакна дека земјата за туристите ќе биде отворена од 15 мај, јави дописничката на МИА од Атина.
Иако Европската комисија има поинаков став за конкретните вакцините, Мицотакис сепак вели дека тие остануваат на позицијата да ги признаат и тоа пред сè се однесува на руската вакцина, поради тоа што очекуваат туристи од Русија.
„Русија е важен пазар за нас. Од податоците што ги имаме на располагање, сметаме дека руската вакцина е безбедна и ефикасна. Секако, не е одобрена од ЕМА, затоа и не ја користиме вакцината, во целосна согласност со европските регулативи во врска со набавките, но јас не гледам никаков проблем во Грција да примиме туристи што биле вакцинирани со вакцината ’спутник‘“,
објасни грчкиот премиер.
Грчкиот премиер истакна дека намерата е туризмот да биде безбедно отворен, а тоа значи дека ако некој сака да патува во Грција без да биде потребен карантин ќе треба, на грчките власти да им покаже сертификат за вакцинација, потврда дека ја прележал болеста или негативен ПЦР или антигенски тест.
„Очекуваме да ги пречекаме туристите од 15 мај, веќе ги отворивме угостителските и малопродажните објекти, па така првите посетители, кои од 15 мај ќе дојдат во Грција, ќе посетат земја во која економските и општествените активности веќе се вратени во нормала“,
додава грчкиот премиер.