Шестмина обвинети во случајот со издавањето на фалсификуваните пасоши во МВР на странци барани со меѓународни потерници признаа вина на стартот на судскиот процес во Основниот кривичен суд во Скопје. Од шестемина обвинети, петмина лично се изјаснија за виновни, додека една обвинета поради здравствени причини не присуствуваше на денешното прво рочиште, но нејзиниот адвокат со писмен поднесок го известил судот дека таа е подготвена да признае вина.
Меѓу оние што признаа вина е и посредникот Раиф Мифатари, кој првично беше во бегство, а се гони за поттикнување. Останатите се вработени во МВР и признаа вина за злоупотреба на службената положба и овластувања. За оние што признаа вина, судијката Оља Ристова го раздвои предметот и за нив денеска ќе бидат изведени дел од доказите и ќе бидат дадени заврши зборови, по што ќе следува и пресуда. За обвинетата што беше отсутна, а која најави дека ќе признае вина, ќе се одржи друго рочиште поради нејзината здравствена состојба.
За петтемина што се изјаснија за невини, пак, судењето ќе продолжи в петок.
Овој предмет се води по скратена постапка бидејќи станува збор за обвинителен предлог.
Пред денешното произнесување за вина обвинителката Спасенка Андонова кратко кажа како е дојдено до ова обвинение и посочи дека меѓу доказите е и албум со фотографии од лицата чии идентитети биле украдени и од оние на кои им биле издавани пасошите.
„Албум со фотографии и податоци во однос на 215 патни исправи, кој јасно може да покаже чиј идентитет е искористен, односно како изгледа вистинскиот лик на лицето чиј идентитет е искористен, а како изгледа ликот на лицето што ги користи овие податоци во патна исправа“,
рече Обвинителката.
Како што соопштија од ОЈО Скопје на 14 април кога беше поднесено обвинителниот предлог, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Им биле издадени пасоши на 214 странски државјани и на еден македонски државјанин, за кој претходно министерот Оливер Спасовски посочи дека станува збор за избеганиот ексначалник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски.
Обвинетите издавале пасоши бидејќи, според Обвинителството, имале материјална корист. За пасошите тие, според ОЈО Скопје, користеле идентитети на македонски државјани кои досега не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство и никогаш не оствариле влез во Македонија.
Со податоците од овие македонски државјани и фотографија од странците што ги добивале пасошите, обвинетите ги изработувале преку системот на МВР. Странците што ги добивале патните исправи се лица што се бараат со меѓународни потерници, но благодарение на македонските пасоши со туѓ идентитет тие можеле слободно да се движат.
„Тие баратели имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет“,
велат од ОЈО Скопје.
Кога беше поднесено обвинението, од ОЈО Скопје немаа информации каде и колку често бараните криминалци ги користеле македонските пасоши, но го задолжиле МВР преку своите инструменти во државата и во странство да провери и сето тоа да го документира со писмени докази.