Премиерот Зоран Заев ги оцени како шпекулации информациите дека поранешниот претседател и премиер, Бранко Црвенковски, би можел да формира нова партија. Според Заев, шпекулациите се засилиле по најавата за формирање независна кандидатска листа од членови на СДСМ од Охрид за претстојните избори.
„Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ. Не верувам во вакви приказни дека Црвенковски ќе формира партија, тоа не е точно, но сепак треба него да го прашате. Тој е еден од основачите, беше претседател на партијата, премиер, претседател на државата, тој е општественик. Верувам дека шпекулациите се присутни зашто во Охрид се најавува нова листа од наши докажани социјалдемократи“,
изјави Заев.
Заев очекува дека ќе се надминат меѓусебните недоразбирања за претстојните локални избори во рамки на органите на партијата и најави дека ќе ги земат предвид анкетите и мислењата на граѓаните за кандидатите за градоначалници.
„Верувам дека внатре во партијата низ телата и органите секогаш ќе може да се дискутира, да се најде решение за оваа компетитивност, кој што да биде, амбициите за кандидати за градоначалник, за советници и други општествени функции. СДСМ покажа сериозно единство и во време на опозиција и во време на преземање на власта, а нашата намера е така да продолжиме. Знае и раководството да се повлече и да прифати предлог, знае и цело членство да го прифати предлогот на раководството, затоа што само на тој начин доаѓаме до најквалитетни одлуки во полза и интерес на граѓаните и на членовите на СДСМ“,
додаде Заев.