ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното обвинителство да отвори предмет за набавката на противпожарното возило и сметаат дека се неискрени повиците од градоначалникот Шилегов со случајот да се занимава Антикорупциска комисија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара од Јавното обвинителство да се позанимава со набавката на противпожарното возило од страна на Град Скопје. Според портпаролот на партијата, Димче Арсовски, во случајот постојат индиции за судир на интереси, но и индиции за криминал.
„Оваа набавка мириса на криминал, истиот е евидентен, каде за дупло повеќе е поскапа цената на набавката и она кое е посериозно е постоечкиот судир на интереси. Ова е еклатантен пример на криминал за кој случај треба да се занимава Јавното обвинителство. И Заев за Рашковски, исто како Шилегов се правдаше дека не е виновен па заврши во притвор, така да еден ден кога ќе не можат повеќе да се штитат ова нема да остане така“,
рече Арсовски во гостување на Тв Алфа.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска го објавија и договорот што Град Скопје го склучил на кој се гледа дека вредноста на возилото е 89 850 000 денари или 1 460 621 евро, без пресметан ДДВ, а во што се вклучени трошоците за транспорт и сите увозни и царински давачки, додека вкупната цена со пресметан ДДВ е 106 023 000 денари или 1 723 533 евра. Тие тврдат дека за исто возило од истиот производител, град Загреб, пред неколку месеци, платил двојно помалку, односно 794 052 евра плус ДДВ.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја повика Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да го истражи случајот, но Арсовски вели дека и овој потег на Шилегов е однапред договорен.
Претходно, командирот на Противпожарната бригада, Владимир Симоновски, рече дека противпожарната скала е неопходна за нивните потреби и нејзиното купување се провлекувало веќе 10 години.
„Противпожарната скала е купена по наши препораки како стручни лица, направена е анализа на територијата на Град Скопје, направени се испитувања на теренот и е за потребите на градот во оној дел каде што имаме секојдневни проблеми, дали од градба дали од урбанизација, за да можеме да ја користиме скалата од пристапните улици што ги имаме. Можевме да купиме и поголема, но немаше да имаме потреба од неа“,
рече Симовски.
Тој додаде дека тендерот бил меѓународен и на него се јавила само унгарската компанија „Хороскоп“, а разликата во цената помеѓу скопската и загрепската е поради дополнителната опрема.