Со 1 723 621 евро, колку што чини набавката за противпожарното возило со скала купено од Шилегов, во Загреб ќе купеле две такви возила, велат од ВМРО-ДПМНЕ и бараат да интервенираат ДКСК и обвинителството, додека од град Скопје тврдат дека разликата во цената е поради дополнителната опрема
ВМРО-ДПМНЕ го објави денеска договорот на град Скопје со унгарската фирма „Хороскоп КФТ“ за набавка на противпожарно возило со скали за спасување.
Според договорот, вредноста на возилото е 89 850 000 денари или 1 460 621 евро, без пресметан ДДВ, а во што се вклучени трошоците за транспорт и сите увозни и царински давачки, додека вкупната цена со пресметан ДДВ е 106 023 000 денари или 1 723 533 евра.
Според Владимир Нелоски, претседател на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во зделката е вклучен и зетот на секретарот на град Скопје. Тој тврди дека за исто возило од истиот производите, град Загреб, пред неколку месеци, платил двојно помалку, односно 794 052 евра плус ДДВ.
„Како е возможно исто противпожарно возило со скала во Скопје да чини повеќе од двојно од тоа во Загреб? Дали скоро милион евра разлика завршиле во нечиј џеб и каква поврзаност има Петре Шилегов со тоа? Со 1 723 621 евро, колку што чини набавката за противпожарното возило со скала купено од Шилегов, во Загреб ќе купеле две такви возила. Фирмата која би го набавила сигурно би остварила профит, но немало да постои разликата во цени од скоро еден милион евра“,
вели Неловски.
Тој ги повика Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство веднаш да отворат случај за набавката на противпожарното возило со скала и да се истражи каде завршиле безмалку еден милион евра разлика во цена.
Вчера и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави на Фејсбук дека истото возило во Загреб е набавено по двојно пониска цена. Тој објави и фотографии од возилото што загрепските локални власти го набавиле кон крајот на минатата година, како и информација за тоа објавена на интернет-страницата на град Загреб, во која, сепак, не е наведена цената на возилото за спасување на височина.
„Покрај тоа што Загреб е речиси двојно поголем од Скопје, градот убав наш со Шилегов ја платил нашата противпожарна скала за двојно повеќе од Загреб. Се извинувам, ние скопјани ја плативме, истото возило, а некој друг одлучи за поскапа нарачка. Ама очигледно имаме сѐ, но криза немаме, па така градската администрација во Загреб ја платила противпожарната скала, со целосна дополнителна опрема, за помалку од 800 000 евра. Но, ние затоа ќе платиме повеќе од двојно, дури 1 700 000 евра“,
напиша Мицкоски.
Шилегов му одговори синоќа на Мицкоски дека манипулира со цената на возилото, односно со споредбата со Загреб, така што во едниот случај кажува цена со ДДВ, а во другиот без ДДВ. Исто така, Шилегов наброи дополнителна опрема, што, според него, ја нема возилото за загрепските пожарникари.
„Манипулативно, кога зборуваш за цената, за загрепската скала кажуваш цена без ДДВ, а за скопската со ДДВ. Така ти изгледа поспектакуларно, нели? Загреб во изминативе 30 години набави пет вакви возила. Ова им е шесто. Скопје ниедно. Ова е прво. 27 години владеевте во Скопје. Ниту едно возило“,
напиша Шилегов одговарајќи му на Мицкоски, при што објави и подолг список на дополнителна опрема што оди со возилото што е набавено за Скопје.
Командантот на Скопската противпожарна бригада Владимир Симоновски денеска изјави дека противпожарната скала е неопходна и дека потребата од нејзино купување се провлекува веќе 10 години. Симовски вели дека тендерот бил меѓународен и на него се јавила само унгарската компанија „Хороскоп“, а разликата во цената помеѓу скопската и загрепската е поради дополнителната опрема.