Специјалниот пратеник на Владата вели дека С Македонија моментно нема соговорник со полн легитимитет од другата страна, затоа што Бугарија влегува во постизборна политичка клима и се очекува да јакне позицијата на Радев
Владо Бучковски, специјалниот пратеник на Владата за Бугарија, изјави вечерва дека во овој момент не можеме да направиме многу во однос на блокадата од Софија. Ние сме, како што вели, подготвени, но од другата страна немаме соговорник со полн легитимитет за да ги заокружиме преговорите.
На гостување на Сител, Бучковски рече дека развојот на настаните во Бугарија навестува дека таа навлегува во сериозна политичка криза, така што во следните три месеци ќе има техничка влада што ќе ја предложи претседателот Румен Радев.
„Сето тоа невестува дека во периодот што претстои ќе јакне улогата на Радев. Ние досега имавме редовни контакти со него и со неговиот кабинет. Морам да кажам дека на средбата што ја имав во втората половина на декември, не видов разлика меѓу позициите на Владата и на претседателот на Бугарија. Тој со гордост говореше дека и декларацијата во парламентот е донесена на негово инсистирање, така што треба да бидеме свесни дека бугарските позиции ќе бидат тврди и во иднина, но од друга страна и нашите позиции се кристално јасни за тоа до каде и што можеме да направиме како отстапка во преговорите. Ние велиме – не одиме подалеку од рамките на Договорот за пријателство и соработка и сметаме дека тој е нашата најсилна заштита. Од друга страна евидентно е дека атмосферата во ЕУ станува понаклонета да се најде некое решение“,
истакна Бучковски.
Во овој вакуум период, според него, би требало да продолжиме да градиме клима на доверба во делот на медиумите, културата, образованието, бизнисот и младите.
„Од друга страна, за клучните политички прашања треба да имаме соодветен соговорник“,
рече Бучковски, додавајќи дека, иако во Бугарија во моментот има функционални институции, сепак владите се тие кои преговараат.
Истакна дека бил убеден дека завршниот договор ќе биде направен по парламентарните избори во Бугарија, но, вели, ако тоа не успееме да го направиме сега, тогаш втората шанса е по нивните избори за претседател кои би се случиле во ноември-декември.
„Тогаш е словенечкото претседателство. Тоа е втората голема шанса. Јас сум убеден, по природа сум оптимист“,
рече Бучковски.
Отсуството на заеднички јазик со опозицијата во земјава, според Бучковски, е хендикеп и мора во следниот период да се најде начин како тоа да се надмине.
Истакна дека досега нема разговарано со Слави Трифунов, за што објасни дека позицијата на државниот врв била тој да не презема чекори додека не заврши изборниот процес во Бугарија и не се официјализира новата влада.
Бучковски оцени дека бугарската страна е преокупирана со работата на заедничката историска комисија.
„Ние тоа го имаме предвид и велиме дека не се мешаме во работата на комисијата, но во секоја пригода ќе треба да ги охрабруваме нашите и нивните експерти час поскоро да излегуваат со решенија, бидејќи се стекнува впечаток дека заглавивме во историјата, а тоа има одраз на нашата желба час поскоро да градиме заедничка иднина. И тука некаде е формулата каде што треба да го бараме излезното решение“,
рече Бучковски.
