Македонскиот претседател, по средбата со генералниот секретар, оцени дека пандемијата е само еден од предизвиците на хоризонтот и земјава, како членка на НАТО, активно ќе учествува во справувањето со традиционалните и новите закани, и тоа на три начини
Македонските граѓани ја искусија важноста на солидарноста во Алијансата. Нашето членство во НАТО се совпадна со избувнувањето на пандемијата и во почетните месеци на оваа глобална криза добивме вредна поддршка од земјите членки, како и од самата Организација, изјави претседателот Стево Пендаровски по денешната средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Пендаровски посочи дека ова е негова прва посета на НАТО како претседател на Северна Македонија.
„На 27 март ја одбележавме првата годишнина од нашето членство во НАТО. Ни требаа многу години, донесовме многу тешки одлуки, но бевме упорни во остварувањето на нашата стратегиска цел. Веруваме дека членството во НАТО е многу важно за одржување на безбедноста и стабилноста како предуслов за просперитет и зајакнување на демократските институции“,
нагласи Пендаровски.
Тој оцени дека пандемијата е само еден од предизвиците на хоризонтот и земјава како членка на НАТО активно ќе учествува во справувањето со традиционалните и новите закани. Тоа, како што рече, ќе го постигне на најмалку три начини:
- Прво, со инвестирање во одбраната. Нашиот сегашен буџет за одбрана е на 1,57 отсто од БДП. Ние сме посветени на постигнување на прагот од 2 проценти до 2024 година, во рамките на кој веќе одвојуваме 20 отсто од буџетот за модернизација на нашата армија, во согласност со сите стандарди на НАТО, потенцира шефот на државата.
- Вториот начин, според него, е продолжување на реформите во одбраната, при што членството во НАТО ни помага да ја зајакнеме отпорноста на нашиот безбедносен систем, особено кога станува збор за предизвици наметнати од трети страни.
- Третиот начин, како што рече, е заедничко извезување на безбедност, преку операции предводени од НАТО, потсетувајќи дека земјава години пред да стане членка на Алијансата, е дел од нејзината мисија во Авганистан, а од неодамна распоредивме свои сили и во составот на КФОР.
„Бидејќи сме мета на хибридни закани во последните неколку години и се наоѓаме во кревка област, каде што сè уште има отворени прашања, соработката со разузнавачките и безбедносните структури на НАТО е од најголема важност за Северна Македонија“,
истакна претседателот.
„Ја поздравуваме одлуката да се почне со повлекување на мисијата ‘Решителна поддршка’ на НАТО до 1 мај. Сепак, нашата намера е да останеме вклучени во сите мисии предводени од НАТО денес и во иднина“,
потенцира Пендаровски.
Според него, претстојниот самит на НАТО ќе биде добра можност да се разговара за новите предизвици, но исто така и за зајакнување на трансатлантското партнерство кое без сомнение, ќе има позитивно влијание врз стабилноста на Западен Балкан.

„За време на нашата средба со генералниот секретар, разменивме мислења за сите овие теми, но исто така и за тековната иницијатива ‘НАТО 2030’ која има за цел да ја направи силната Алијанса уште посилна“,
додаде Пендаровски.
Како што информира од неговиот кабинет, на средбата со Столтенберг станало збор за соработката меѓу Северна Македонија и НАТО, за актуелните регионални и безбедносни прашања, за надворешно-политичките приоритети на земјава и за можностите за продлабочување на соработката во справување со последиците од глобалната пандемија на ковид-19.
„Претседателот Пендаровски во разговорот со генералниот секретар Столтенберг ја реафирмираше подготвеноста и посветеноста на Република Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко“,
се додава во соопштението.
Со посетата на НАТО завршува дводневниот престој на Пендаровски на Брисел, каде што вчера тој се сретна со челниците на ЕУ.
Поврзани вести:
Ќучук смета дека Пендаровски може да биде гарант за конструктивност во дијалогот со Бугарија
Вархеји по средбата со Пендаровски: С Македонија и Бугарија да изнајдат заедничко решение
С Македонија е подготвена за преговори, им соопштил Пендаровски на Вархеји и на Лајчак во Брисел
