СДСМ пред ланските избори ветуваше укинување на надоместокот за патни трошоци за пратениците, по намалувањето од 30 на 20 проценти во 2018 година, по што и ДКСК излезе со анализа дека само во периодот од 2015 до 2019 година вкупните трошоци за патни надоместоци биле приближно три милиони евра
Опозициската Левица предлага дополнително кратење на надоместокот за патни трошоци за пратениците.
Претседателот на оваа партија, Димитар Апасиев, информира денеска дека поднеле предлог-измени на Законот за пратеници, кои се надева дека ќе бидат усвоени по скратена постапка. Сепак, тој рече дека, ако нема согласност за носење на законот по скратена постапка, Левица е подготвена и за редовна процедура, иако се менуваат само два члена.
Левица предлага, наместо сегашните 20 проценти, надоместокот за пратениците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели да изнесува пет проценти од продажната цена на еден литар гориво, а според изминат километар.
„Со ова ќе се овозможи значително намалување на средствата за надомест на патни трошоци што им се исплаќаат на пратениците што живеат надвор од Скопје и патуваат со сопствени возила. На тој начин ќе се заштеди значителна сума пари во буџетот и ќе се намалат неоправданите привилегии што ги уживаат пратениците, наспроти другите работници. Со ова ќе се унапреди еднаквоста во правата од работен однос што ги уживаат вработените, било во јавниот било во приватниот сектор“,
објаснува Апасиев.
Пред ланските предвремени избори владејачкиот СДСМ излезе со ветување за укинување на патните трошоци за пратениците, но тоа не се реализира досега.
Од Левица објаснуваат дека во предлог-законот компаративните анализи за просечните исплатени патни трошоци за пратеник за регионот говорат дека, во периодот од 2010 до 2016 година, македонски пратеник просечно земал околу 40 илјади евра за патни трошоци, што е за 4 илјади евра повеќе од просечната сума за пратеник во Словенија, 21 илјада евра повеќе од пратеник во Бугарија, 28 илјади евра повеќе отколку во Хрватска и дури 34 илјади евра повеќе од просечната сума што му е исплатена на пратеник во Косово.
Како пример се наведува и периодот март-ноември 2017 година, кога само за 20 пратеници со највисоки надоместоци се одлеале 210 илјади евра од буџетот.
Според анализата на ДКСК, на патните трошоци на пратениците во периодот од 2015 до 2019 година, вкупниот трошок за оваа намена е 2 895 605 евра. Во 2015 година исплатените надоместоци на пратениците во Собранието за користење на автомобил се 770 883 евра, во 2016 – 698 797 евра, 2017 – 512 000, 2018 – 522 930 евра и во 2019 година, кога веќе беше намален надоместокот од 30 на 20 проценти, 390 993 евра.
За барањето на Апасиев за кратење на патните трошоци на пратениците, спикерот Талат Џафери изјави денеска дека тој не е надлежен за тоа, туку дека пратеникот на Левица барањето требало да го упати до Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
„Пратеникот треба да го има предвид Законот за плати и надоместоци на плати на избраните и именуваните лица. Врз основа на тој Закон, за патните трошоци на пратениците е надлежна Комисијата за избори и именувања. Комисијата донесува одлука за спроведување на законските одредби по однос на поединечните барања на секој пратеник што ги исполнува условите“,
рече Џафери.
Претседателот на Собранието потсети и дека во 2018 година беше намален надоместокот за патни трошоци за пратениците од 30 на 20 проценти од цената на литар гориво.
Поврзани вести:
Заев со предизборно ветување дека ќе ги укине патните трошоци за пратениците