Мицкоски, пак, во последниот јавен настап вети дека платите на редовните професори на универзитетите ќе се зголемат и до 100 000 денари, на наставниците во училиштата примањата ќе бидат до 36 700 денари, а даде и неколку ветувања од областа на културата
Укинување на патните трошоци за пратеници во Собранието.
Вакво предизборно ветување денеска на прес-конференција даде лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Ова е продолжение на јавните настапи кои лидерите на најголемите политички партии ги имаат последниот период, а преку кои ги претставуваат своите програми за претстојните парламентарни избори.
Покрај за патните трошоци, Заев денеска презентираше и неколку мерки во областа на правосудството. Најави дека по случаен избор ќе се прави ревизија на пет отсто од судските пресуди донесени во последните пет години. А, вети и механизам за борба против застарувањето на предмети.
„Судиите кои намерно ќе застарат предмет, како што имаме случаи во Врховен, но и во сите судови во државата, по автоматизам ќе бидат разрешени. Предметите ќе се следат електронски, па ако се утврди дека некој не постапува со цел да застари предмет алармот ќе се вклучи и тој судија или обвинител ќе биде разрешен по автоматизам. Судскиот и Советот на јавни обвинители ќе имаат задача тоа само да го констатираат“,
рече Заев.
Лидерот на СДСМ ветува и дека ќе се воведе законска обврска за објавување на трошоците или т.н. „алатка за отчетност“ која ќе биде задолжителна и за пратениците и за градоначалниците, но и за судската власт.
Тој зборуваше и за јавната администрација, па во таа насока вети нејзино намалување за 20 отсто со цел, како што посочи, да се симне дел од финансискиот товар и да се направи ефикасен сектор. Во администрација, рече Заев, ќе работат тие што се спремни да им служат на граѓаните, а за другите има место во приватниот сектор каде што се бара работник повеќе.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во неговиот последен настап со предизборно ветувања зборуваше за секторот образование.
Тој на вчерашната прес-конференција вети изградба на 20 нови и реконструкција на 50 постоечки училишта. На кадарот во високото образование, пак, му вети поголеми примања: до 100 000 денари за редовните професори, до 80 000 за вонредни професори, до 60 000 денари плата за доценти и до 45 000 за асистенти на факултети. На наставниците во основните и средните училишта, според ветувањата на Мицкоски, платата ќе се покачи до 36 700 денари.
Покрај за образованието, тој зборуваше и за културата, па во неговите предизборни ветувања се најдоа изградба на нови театри во Прилеп, Охрид и Скопје и намалување на ДДВ во културата од 18 на 5 проценти.