Законот за учебници гарантира еднаков пристап до материјалите за учење и ниту еден ученик нема да биде исклучен од наставата, вели Министерството за образование и наука кое реагираше по прес-конференцијата на групата родители кои почнаа да собираат потписи и се заканија со бојкот на наставата во знак на револт од најавената дигитализација на учебниците.
Од МОН велат дека бојкотот на наставата е неоправдан и ќе нанесе директна штета по однос на воспитно-образовниот процес на младите.
„Како надлежна институција за креирање на политиките во областа на образованието и науката и најповикана за промените што треба да се случат, Министерството за образование и наука веќе се произнесе дека неоправдано е да се бојкотира за нешто што ќе донесе подобар квалитет на образованието и голем број придобивки кои младите од другите поразвиени земји веќе ги чувствуваат, затоа што процесот на дигитализација на глобално ниво е веќе одамна почнат. Новото законско решение, односно новиот концепт за употреба на материјали за учење во основното и средното образование е најавен заедно со целокупната реформа на националниот образовен систем во делот на основното и средното образование, која пак, е дел од програмата за работа на Владата и од Стратегијата за образование 2018-2025 и за истата се водеше сеопфатна двомесечна дебата“,
се вели во соопштението на МОН.
Дополнително, велат од МОН, во јавноста беше презентирана и анализата на јавното мислење на наставниците и учениците спроведена од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанстинк“, според која, како што посочуваат, 75 отсто од учесниците сметаат дека учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирање.
„Предлог-законот за учебници беше објавен на владиниот ЕНЕР-систем и сите предлози и сугестии од експертската јавност се интегрирани во неговата содржина, која е усогласена со сите последно усвоени документи од страна на Европската комисија, а кои се однесуваат на давање приоритетност на процесот на дигитализација на образованието“,
се вели во соопштението.
Од МОН уверуваат дека со новото законско решение кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата.
„Учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за употреба на истите ќе му бидат овозможени секому. Односно законски е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи. Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За прв пат, се обезбедуваат и учебници во аудио формат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо. Апелираме до граѓаните кои се дел од оваа иницијатива, да не ги вовлекуваат учениците во нешто што ќе им наштети на училиште и ќе им создаде празнини во знаењето. Тоа не вистинската вредност и цел за која треба да се бориме. Вистинската цел е создавање на млади и современи генерации кои ќе бидат добро едуцирани и подготвени за светот кој ги очекува по 10-20 години, а во кој дигитализацијата ќе биде застапена во сите сегменти и сфери“,
велат од МОН.