Претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК) во Албанија, Илирјан Целибаши денеска ги соопшти резултатите од парламентарните избори во неделата иако, како што рече, останува за пребројување на гласовите од неколку избирачки места во Тирана и Драч.
Според тоа, најмногу гласови (48,7 проценти) освоила владејачката Социјалистичка партија на актуелниот премиер Еди Рама. Според ЦИК, социјалистите би имале мнозинство од 74 пратеници во 140-члениот парламент.
Опозициската коалиција Алијанса за промени, предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, освои 39,40 проценти од гласовите односно 59 мандати. Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), пак, има 6,85 проценти од гласовите што значи дека ќе има 4 мандати, додека Социјалдемократската партија има 2,24 отсто односно 3 пратеници.
Ваквите резултати кои ги соопшти Целибаши се речиси идентични од оние кои беа соопштени претходно во текот на денот, кога процентот на неизбројани гласови беше поголем.
Рама, како што информиравме, веќе прогласи победа и за вечерва повика на прослава на централниот плоштад во Тирана.
До лидерот на Социјалистичката партија, Еди Рама веќе пристигнаа и првите честитки. Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, му честитале во телефонски разговор. Исто така, честитки тој доби и од италијанскиот министер за надворешни работи, Ди Мајо, и лидерот на италијанската опозиција Матео Салвини.