Избравме соодветен, праведен и правичен модел за да му помогнеме на туристичко-угостителскиот сектор. Од 17,8 милиони евра, колку што тежи шестиот пакет економски мерки, само за угостителството се предвидени 9,9 милиони евра, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Моделот го засноваме на тоа што сите сме посеале. Ако во 2019 и 2020 година компаниите уживаа во неформалната економија, а денеска бараат помош од државата, за жал, не можеме да одговориме. Но, сите што соодветно постапувале и оперирале ќе добијат соодветна помош според моделот што го креиравме – компензација на дел од приходите и компензација на дел од плата за секој вработен“,
рече Битиќи во одговор на прашање по пуштањето во употреба на фабриката на германската компанија „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 во Бунарџик.
Тој нагласи дека и досега се среќавал со претставници на Туристичко-угостителската комора, а најави дека ќе има и нови средби.
„Мораме да сфатиме дека и во период на криза треба да се обидеме да креираме систем што е одржлив и ќе даде дополнителни позитивни ефекти на среден рок. Сметам дека овој модел еднаш засекогаш ќе ги исфилтрира тие што заслужуваат да добијат помош, а за тие што помалку заслужуваат се надевам дека ќе ги опфатиме со другите тековни програми со кои работиме на сузбивање на сивата економија, на зголемување на вработливоста“,
рече Битиќи.
