Туристичко-угостителскиот сектор на протест од пред Министерството за финансии побара финансиска помош од државата за повеќе дејности. Со свирежи и транспаренти со слоганот „Ќе можете ли“ угостителите ги повторија барањата за еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени и еднократна финансиска помош за угостителските објекти кои се затворени повеќе од една година. За помош, како што нагласија, не ги сметаат можностите за кредити со грејс-периоди од комерцијалните и Развојната банка.
„Под мотото ‘Ќе можете ли’ ги повикуваме институциите да ни обезбедат помош. Работиме под многубројни рестриктивни мерки и целосен прекин. Ние изминатите години од нула изградивме бизниси за да ги обезбедиме нашите семејства. А сега егзистенцијата е доведена во прашање. Ако нивниот изборен слоган е ‘Можеме’ нека покажат дека можат“
изјави Мартин Ангеловски од Туристичко-угосителската комора.
Туристичките работници, пак потенцираа дека тие, иако немаат директна забрана за работа, не можат да ја издржат финансиската криза од пандемијата. Бараат ваучерите за домашен туризам да се користат исклучиво преку туристичките агенции.
„Да не дозволиме повеќе ниту една агенција да се затвори. Неопходна е финансиска неповратна помош за опстанок на секоја лиценцирана туристичка агенција. Прометот е паднат, не – 30 проценти, туку скоро 100 проценти“,
порачаа претставниците на туристичките агенции.
Финансиска помош побараа и сопствениците на игротеките, а барањето за посебен протокол за одржување прослави го повторија и од рестораните за свадби. Тие најавија дека ќе продолжат со протести сѐ додека не се исполнат нивните барања.
Министерот за финансии Фатмир Бесими за денеска најави дека на владина седница ќе биде разгледан шестиот пакет мерки, во кој ќе биде опфатен и туристичко-угостителскиот сектор.