Компанијата „МГ фешн“, која е инвеститор на објектот што треба да се гради спроти „Холидеј ин“, најави тужба ако се суспендира спорниот Детален урбанистички план. Според инвеститорите, тие би претрпиле материјална штета од милиони евра, за кои надомест ќе бараат од Општина Центар.
„Штетите што ние како инвеститор ги трпиме од неуставно и незаконски попреченото право на градба, кое произлегува од правото на сопственост, и тоа врз основа на важечки ДУП донесен во законита постапка, се проценети на десетици милиони евра и таа штета потенцијално ќе падне на товар на општината. Според законот, за урбанистичките планови од локално значење штетите ги сноси единицата на локалната самоуправа, односно Владата, за урбанистичките планови од државно значење“,
соопштија од „МГ фешн“.
Според компанијата, овој Детален урбанистички план е донесен законски и идејното решение, кое е одобрено од Општина Центар, велат дека е со параметри кои се 55 проценти помали од предвидените со важечкиот ДУП. Повторуваат дека комплексот ќе биде модерен со вкупно 6 520 м2 зелени површини.
„Во првата фаза еден станбено-деловен објект од 20 ката; во втората уште еден станбено-деловен од 22 ката, а во третата фаза деловен и комерцијален простор од 16 ката. Имено, согласно идејниот концепт вкупната површина за градба е 9 165 м2, а бруто-развиена површина е 89 627 м2, наспроти 13 654 м2 површина за градба и 200 000 м2 бруто-развиена површина, колку што дозволува ДУП. Максималната височина на планирана градба изнесува 81,20 м, иако согласно зададените урбанистички параметри во актуелниот ДУП истата изнесува 180 метри“,
додаваат од компанијата.
Општина Центар сѐ уште не свикува седница на која би одлучиле дали ќе бараат суспензија на деталните урбанистички планови, кои ги држеа под мораториум затоа што не се во согласност со ГУП од 2012, а за кои веќе еднаш одлучија – градоначалникот Саша Богдановиќ да почне постапка за суспензија. Одлуката беше во декември 2020, но од тогаш освен што е побарано мислење од Министерството за транспорт, официјално не се поднесени елаборати за суспензија на дел од плановите или на цел ДУП, како што предвидува Законот за урбанизам.
Вчера Антикорупциската комисија поднесе иницијатива до Јавното обвинителство да истражи злоупотреба на службена положба од страна на поранешните градоначалници на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, како и на тогашните раководители во секторот урбанизам на Град Скопје и Министерството за транспорт и планерите, затоа што во 2012 година со носење на ДУП за „Голем ринг“ им обезбедиле поголема имотна корист на актуелните сопственици на парцелите спроти „Холидеј ин“.
