Владините претставници ќе се вакцинираат по празникот Велигден, кога ќе пристигнат и првите поголеми количини вакцини, најави министерот за здравство Венко Филипче. Според најавите, првата поголема пратка од 200 илјади вакцини се очекува да биде испорачана од кинески „Синофарм“ на 28 април.
„Владините претставници се пријавени на интернет-страницата vakcinacija.mk, така што, кога ќе пристигнат првите поголеми количини, а тука мислам пред сѐ на кинеските вакцини, за кои е најавено дека ќе стигнат околу 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, во вторник веднаш после Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини, мислам дека ќе бидат на ред и други институции што спаѓаат во критичната инфраструктура“,
изјави Филипче.
Во салата „А1 арена“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје утрово почна вакцинацијата на пратениците. Тие, како што соопшти министерот Филипче, се имунизираат со вакцината „спутник В“. Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека доставил список за вакцинација на сите пратеници, но не знае колку од нив ќе се вакцинираат. Тој очекува дека по имунизацијата работата на законодавниот дом ќе се врати во нормала.
„По втората доза што ќе ја примат, ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието и се надевам од втора половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието, секако, почитувајќи ги и понатаму одлуките и протоколите“,
изјави Џафери.