Според најавите од Судски совет, идната недела треба да се донесе одлука за избор на претседател на Судскиот совет бидејќи на 28 април му истекува мандатот на актуелниот претседател Киро Здравев
Судскиот совет на денешната седница избра шест судии, кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители. По тројца за Основниот кривичен суд и за Основниот граѓански суд во Скопје.
Заменик-претседателот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, рече дека со денешниот избор завршил изборот на шестата генерација кандидати од Академијата. Тој ги соопшти и имињата на новоизбраните судии и нагласи дека станува збор за кандидати што досега не биле избрани.
„Советот одлучи истите кандидати да бидат распределени во Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје. За судии на Основен граѓански суд Скопје се избрани кандидатите: Маја Димитрова, Тамара Ѓорѓиевска и Бисера Митиќ Стефковска. За судии на Основен кривичен суд Скопје се избрани: Јасна Челикова, Илина Смичковска Илиевска и Снежана Марковска“,
соопшти Мустафа.
На денешната седница Судскиот совет не успеа да избере претседател на Основниот суд во Виница бидејќи кандидатот не го доби потребното мнозинство, па затоа е донесена одлука повторно да се распише оглас. Одлучено е да се распишат огласи и за претседатели на Управниот суд и основните судови во Гевгелија и Свети Николе.
Според најавите од Судски совет, идната недела треба да се донесе одлука за избор на претседател на Судскиот совет. Заменик-претседателот Мустафа за МИА истакна дека на 28 април му завршува мандатот на актуелниот претседател на Судскиот совет Киро Здравев и тогаш е предвидено да се избере и новиот претседател на Судскиот совет.
„Право на избор според закон имаат сите членови на советот што се избрани од Собранието. Досега никој не објавил кандидатура, очекуваме во следните денови некој од кандидатите да пријави кандидатура“,
рече Мустафа.