Во периодот од август до декември минатата година, лидерот на ДУИ имал многу повеќе присуства отколку отсуства на седниците на Собранието, ама немал ниту една дискусија
Лидерот на ДУИ Али Ахмети е меѓу најредовните и најдисциплинирани пратеници, според претседателот на Собранието Талат Џафери.
Во денешното гостување на ТВ 24, на забелешка дека некои пратеници не доаѓаат редовно на седници, односно доаѓаат само за гласање, немаат обраќања и земаат плата, меѓу кои и лидерот на ДУИ, Џафери тврдеше дека Ахмети доаѓа на седници.
„Доаѓа Али Ахмети, зошто не доаѓа. Ќе дојде да гласа. Немате право да му се мешате на пратеникот дали ќе говори или не“,
рече Џафери и додаде дека Ахмети бил редовен и најдисциплиниран од сите нив.
Според извештајот „Мој пратеник“, кој се однесува на работата на пратениците од август до декември минатата година, Ахмети во овој период имал многу повеќе присуства отколку отсуства на седниците во законодавниот дом, но немал ниту една дискусија.

Според претседателот на законодавниот дом, работата на пратениците „не се гледа“ поради сите ситуации околу парламентот, а како пример посочи на, како што рече, низа јавни расправи што се одржале и во услови на пандемија.
Зборувајќи за настапите на опозицијата во парламентот, тој рече дека, наместо да се занимаваат со своите работи, тие се занимаваат со она што е надлежност на претседателот на парламентот.
Зборувајќи за блокадите и проблемите со кворумот, Џафери рече дека не се согласува дека Собранието е неефикасно. Тој најави дека наскоро ќе биде готова анализата колку закони и колку други точки поминале или не биле донесени на досега одржаните 39 пленарни седници.