Вицепремиерот за европски прашања утрово ја почна балтичката турнеја со средби во парламентот на Летонија
Секое понатамошно одложување на пристапните преговори со Северна Македонија испраќа деморализирачки сигнал до земјите од Западниот Балкан, до сите оние земји што решително ги спроведуваат демократските реформи, со крајна цел влез во ЕУ. Со ваква оцена настапиле пратеници од Летонија за време на средбите со македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, како што информира Секретаријатот за европски прашања.

Димитров утрово во Рига ја почна балтичката турнеја со средби во парламентот на Летонија. На состанокот со претседателот на Комитетот за надворешни работи Рихардс Колс и со претседателката на Комитетот за европски прашања Анда Вита Терауда, како што соопштија од СЕП, е реафирмирана и поддршката од страна на летонските пратеници Северна Македонија да ги отпочне пристапните преговори со Унијата.
„Летонското искуство во евроинтегративниот процес внесе свежа енергија и надеж за консолидирање на европскиот континент. Искрената и пријателска поддршка е голем поттик за продолжување на реформите, а парламентарната соработка е еден од конкретните показатели во таа насока, што придонесува за унапредување на демократијата“,
оценил Димитров за време на средбите.