Притисокот на жителите на селата Горно, Долно и Средно Коњари до надлежните, да стават крај на, како што тврдеа, неконтролираниот ископ на песок и чакал, резултираше со владина одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија
Државниот инспекторат за животна средина утврди нерегуларности во работењето на концесионерот, а Владата ја раскина концесијата на предлог на Министерството за економија. Жителите најавуваат и приватна тужба до концесионерот, фирмата „Еуро прогрес“. Управителот на фирмата, Ќазим Османовиќ, пак, не одговори на нашите барања за коментар за владината одлука

Откако Државниот инспекторат за животна средина утврди неправилности, а Министерството за економија официјално се обрати до Владата, на денешната владина седница е одлучено еднострано да се раскине договорот за концесија со фирмата „Еуро прогрес“ за ископ на песок и чакал во селото Долно Коњари, општина Петровец. Информацијата ја сподели министерот за економија, Крешник Бектеши.
„На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за еднострано раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на локалитетот с. Долно Коњаре со концесионерот ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ експорт-импорт. Според извештајот од Инспекторатот за животна средина, Министерството за економија утврди дека концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина, односно експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња“,
објави ресорниот министер на својот фејсбук профил.
Халим Алими во име на жителите од селата Горно, Средно и Долно Коњари за „360 степени“ вели дека денеска е ден за радост, но и дека не забораваат оти концесионерот им направил проблеми со водоснабдувањето.
„Целото село, целиот регион, освен нивната фирма, упатува голема благодарност до Владата, до новинарите, до сите учесници во решавање на проблемот. Да, можеби му пречевме на концесионерот, ама ја спасивме иднината. Фала му на Господ што се реши проблемот. Вреди да се биде гласен оти без напор, нема резултати. Ние успеавме да го постигнеме ова со демократски средства, со протести, иако не се случи преку ноќ. Сега повторно ќе се состанеме и ако повеќе од половина жители се согласат, можно е да покренеме приватна тужба за штетите што ни се предизвикани“,
вели за „360 степени“ Халим Алими, жител на Средно Коњари.
Раскинувањето на договорот за концесијата доаѓа по континуираниот повеќегодишен притисок на локалното население кое сплотено ги искористи сите форми на протести за да добие внимание за проблемот со кој се соочува.
Тие стравуваа од поплави и алармираа дека концесионерот неконтролирано врши ископ на песок и чакал на границата меѓу селата Средно и Долно Коњари.
Жителите со години испраќаат дописи до надлежните институции и масовно протестираат со барање да се укине концесијата.

Протестите не стивнаа ниту во време на пандемија.
По континуираниот отпор на локалното население, на терен прво излезе Државниот инспекторат за животна средина со првична теза дека револтот на житлите е оправдан. Потоа, владина делегација се појави на местото и најави темелно испитување на работата на концесионерот.
Државниот инспекторат за животна средина ангажирал овластена геодетска фирма и, по неколку неуспешни обиди, во февруари конечно направиле теренски мерења на локацијата, каде што со години се врши ископ на песок и чакал. Утврдиле дека експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас, со што концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина. Побараа Министерството за економија да поведе постапка за раскинување на договорот за концесија. Министерот за економија, Крешник Бектеши, го најави раскинувањето на договорот уште минатата недела, а тоа се официјализира на денешната владина седница.
Концесијата ја имаше фирмата „Еуро прогрес“, чиј управител Ќазим Османовиќ по секое обвинување на жителите тврдеше дека во денешно време ниту дете не може да поткупите да молчи ако се работи незаконски и најавуваше дека ќе бара институционална заштита од соселаните. Османовиќ денеска не одговори на нашите повици и СМС пораки за да даде коментар за владината одлука.