Ова не е ниту демократија ниту е филибастеринг, ова е едноставно водење балкански инает. Треба да се направат измени на Деловникот со кои ќе се предвиди во вакви услови, пратениците да гласаат од дома или од болница или од каде било. Така работи цела Европа, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски
„Мораме да обезбедиме функционално Собрание во услови на коронакризата“, изјави првиот човек на парламентот Талат Џафери откако на 16. ноември минатата година до своите колеги ги достави предложените измени на Деловникот за работа на Собранието. Со нив беше предвидено пратениците што се заразени со ковид-19 и се во изолација да можат од дома да следат и да учествуваат во работата на Собранието и на неговите комисии.
„Заради непреченост во работата на Собранието, потребно е да се овозможи далечинска, односно електронска работа на пратениците, со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела. За пратеникот кој не може да ја оствари својата функција поради здравствената состојба во која се наоѓа, а која претставува ризик за здравјето на останатите пратеници и поради која е спречен физички да присуствува на седниците на Собранието и на работните тела, со предложените дополнувања на Деловникот се дава можност тоа да се реализира преку одржување на седници на далечина“,
стоеше во образложението на предлагачот, претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Причина за предлогот на Џафери беше вториот бран на коронавирусот, поради кој во тој момент дури шестмина пратеници беа оневозможени да присуствуваат на седниците, а опозицијата одбиваше да влезе во салата и да обезбеди кворум за отпочнување со работа на Собранието.
Потребата за донесување на измените на Деловникот беше изгласана, но обидот да почне расправата со поднесени 3.000 амандмани во Мандатно-имунитетната комисија го блокираа опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса/Алтернатива.
Во јавноста беа споделувани амандмани на дел од пратеници на опозицијата, во кои се бараше за време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера или да не смеат да носат облека со обележја на месарници.
Тие тврдеа дека предлогот е спротивен на Уставот и е обид да се покрие тесното мнозинство од 61 пратеник на СДСМ и на ДУИ.
„Под превезот на пандемијата и дигитализацијата, тие се обидуваат да ја сокријат својата неефикасност со проект за онлајн-собрание“,
беа тогаш констатациите на пратениците од опозицијата.
Власта сметаше дека не станува збор за никаков обид за злоупотреба, туку за разумен предлог кои ќе овозможи нормално функционирање на Собранието во само одредени, посебни ситуации.
Кворумот, поради зачестеноста на заболени пратеници претставува проблем за работата на Собранието а обвинувањата на опозицијата дека власта нема мнозинство беа демантирани со гласањето доверба на Владата на Заев на собраниската седница одржана на 3 март оваа година.
Проблемот кулминира денеска, откако по двомесечно одолговлекување на донесувањето на петтиот економски сет мерки наменет за справување на последиците од корона кризата за илјадници граѓани и компании поради однесувањето на опозицијата, парламентарното мнозинство стигна до посакуваната бројка присутни пратеници, но откако на седницата, кворумот го обезбедија двајца пратеници позитивни на ковид-19.
Универзитетскиот професор, Борче Давитковски во изјава за ТВ Телма укажа дека ваквите несакани сцени немаше да се случат доколку наместо тесно-партиски интереси, пратениците ги штитеа интересите на граѓаните.
„Мислам дека ова е скандалозно однесување на пратениците и ги поминува сите рамки, особено кога се работи за закони поради кои илјадници семејства два месеци не може да земат плата. Ова не е ни демократија, ниту е филибастеринг, ова е едноставно водење балкански инает кој кога и да е ќе им се врати со камата. Декларативно изјавуваат дека ќе ги гласале законите а од друга страна прaват пречки, доаѓаат, се потпишуваат, земаат дневници, патни трошоци и не учествуваат на седниците. Мислам дека ова веќе не личи на ништо“,
вели професор Давитковски.
Според него, иницијативата за комбинирани седници, со присуство и онлајн требала веќе да биде дел од процедурата за работа на Собранието, особено во вакви моменти на пандемија.
„Тоа дефинитивно беше потребно. Тоа е пракса во сите земји, особено за круцијални прашања и не гледав никаква причина и пречка за тоа. Треба да се направат измени на само неколку члена во Деловникот со кои ќе се предвиди во вакви услови, пратениците да гласаат од дома или од болница или од каде било. Така работи цела Европа“
вели тој.

Последниот во низата парламенти на кои можеше да се сведочи за ваквиот пристап во работата беше конститутивната седница на бугарското Народно Собрание одржана неделава. Освен на оние што присуствуваа во салата, освен за заклетвата, учество во дискусиите и во гласањето за избор на нов претседател на Собранието им беше овозможено и на на неколкумина пратеници позитивни на ковид, чиј настап и изјаснување можеа да се следат на голем видеобим, поставен зад собранискиот спикер. Меѓу нив беше и лидерот на веројатно идната владејачка партија-ИТН, Слави Трифонов.