Ова е вторпат во овој собраниски состав кабините во новата пленарна сала да бидат искористени за „изолирано гласање“. Прв така гласаше Арбен Зибери од ДУИ при изборот на Владата
Мирослав Богдановски од ДОМ, според информации на „360 степени“ од праламентот, е вториот пратеник позитивен на ковид-19 што денеска гласаше во скафандер во Собранието за законите од дневниот ред на 32. седница.
Покрај пратеничката Бисера Костадиновска од СДСМ, која објави на својот фб-профил фотографија со скафандер, на пратениците од мнозинството им се придружи и Снежана Калевска Ванчева, која денеска излегла од изолација.
Ова е вторпат во овој собраниски состав кабините во новата пленарна сала да бидат искористени за изолирано гласање на пратеници – позитивни или суспектни на коронавирус.
Прв така гласаше Арбен Зибери од ДУИ, на крајот на август минатата година, додека чекаше резулти од тестирањето на ковид-19, поради симптоми на болеста, ама не беше во скафандер. Така беше овоможено сите 62 пратеници од мнозинството да гласаат за изборот на новата влада на СДСМ и на ДУИ, која можеше да биде избрана и со 61 глас.
Овој собраниски состав веќе осум месеци заседава во салата со куполи, наместо во пленарната сала, токму поради ситуацијата со ковид-19. Спикерот Талат Џафери процени дека салата со куполи е поространа и може да обезбеди поголемо растојание меѓу пратениците за време на седниците. Сепак, во оваа сала е оневозможено присуство на медиумите и нема систем за електронско гласање, така што се гласа со картончиња во зелена, црвена и жолта боја.
Поради тоа што во изминатите месеци постојано има пратеници кои се во изолација поради ковид-19, парламентарното мнозинство постојано кубури со кворум, во ситуација кога опозицијата одбива да биде во салата кога се гласаат законите, за што е потребно присуство на најмалку 61 пратеник.
Џафери неодамна го повлече од процедура својот предлог за измени на Деловникот, кој предвидуваше можност за онлајн вклучување на седниците на пратеници кои се во изолација. Пратениците од опозицијата остро се спротиставуваа на предллогот да се овозможи онлајн работа во парламентот, а Џафери го повлече во очекување на нова сесија од дијалогот „Жан Моне“, во чиј фокус се потемелни измени на Деловникот за работа на парламентот.