Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека сите случувања околу случајот со генералниот секретар Драги Рашковски, се знаеле однапред, исто како и тоа дека ќе заврши во куќен притвор, а не во притвор. Наредниот период, рече тој, може да има проширување на предметот со уште две обвиненија.
„Македонија е практично мала земја и сè се знае. Неколку дена однапред се најавуваше дека ова ќе се случи. Тоа уште започна со сценариото со неговата оставка од кабинетот на Заев, како негов соработник или советник, што и да е таму. Па се шпекулираше дека ќе заврши само со одземена патна исправа, па како поминуваат деновите велеа дека ќе добие куќен притвор. Еве доби куќен притвор, јас го најавив. Може и да ви кажам и чекор понатаму што ќе се случи. Еве може ќе се прошири со дополнителни две обвиненија неговата пријава па можеби ќе биде променета оваа мерка притвор, наместо куќен да биде ефективен“,
рече Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
Тој обвини и за селективно постапување, односно дека оние кои власта ги смета за политички противници се носат во суд со лисици на рацете и завршуваат во притвор, додека тоа не е случај со оние кои се блиски или дел од власта.
„Во текот на утрото јас објавив еден статус на социјалните медиуми на Фејсбук, каде што кажав дека практично пријателите и соработниците на Заев на распит се носат со рацете во џеб, а додека пак сите оние коишто Заев ги смета за свои непријатели и противници им се ставаат лисици на рацете. Додека пријателите на Заев за постоење сомневање за криминал завршуваат во куќен притвор, а неговите непријатели веднаш завршуваат во затвор“,
рече Мицкоски.