Номинацијата на министерката за правда Рената Дескоска за член на Венецијанската комисија е прифатена.
Веста ја сподели и самата Дескоска на социјалните мрежи.
„Денеска е прифатена мојата номинација за член на Венецијанската комисија. Тоа е и потврда дека се исполнети критериумите за членство во комисијата. Благодарам за довербата!“,
се заблагодари министерката синоќа.
Околу номинацијата на Дескоска за член на ова тело, како претставник на Северна Македонија, негодуваше и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера обвини за конфликт на интереси и ја повика Антикорупциската комисија да реагира.
Дескоска, исто така, рече дека Антикорупциска треба да поведе постапка за нејзиното именување за членка на Венецијанската комисија и во изјава за „360 степени“ вели дека и таа ја повикува Комисијата да го истражи случајот.
„И јас ја повикувам Антикорупциската комисија да се произнесе за случајот. Не постои конфликт на интереси бидејќи станува збор за ангажман во странство кој не потпаѓа под одредбата за забрана за вршење две функции, туку станува збор за претставување на земјата во комисија на Советот на Европа. И мојот случај не е единствен“, изјави министерката.
Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска за „360 степени“ рече дека Комисијата ќе се произнесе дали има потреба да се поведе иницијатива за случајот со Дескоска.
Повеќе детали на оваа тема можете да прочитате ТУКА.