Обвинителството поведе постапка за агентот за недвижности, за кој граѓани сведочеа дека им продавал еден стан на повеќемина.
Како што јави МИА, Основното јавно обвинителство поднесе предлог за определување мерки на претпазливост, односно обврска тој повремено да се јавува кај определено службено лице во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и забрана за преземање определени работни активности.
Утрово Единицата за економски и компјутерски криминал при МВР, по наредба на надлежен обвинител од ОЈО, го лишила од слобода и лицето е предадено во надлежна полициска станица за понатамошна постапка за потребите на истрагата за која ОЈО оформи предмет пред три дена, по пријавите на граѓаните.
Станува збор за случајот со агентот за недвижности во кој шестмина граѓани товарат агент за недвижности за измамаи тврдат дека при обид за купување стан се измамени за вкупна сума од 32 илјади евра, при што секој засебно оставил капар од по неколку илјади евра.
Тоа го надополнува и соопштението на ОЈО, во кое стои дека во периодот од мај 2020 година до март 2021 година, осомничениот во повеќе наврати, искористувајќи ист траен однос и исти можности, довел и држел во заблуда најмалку седум оштетени граѓани.
„Со намера за себе да прибави противправна имотна корист, тој како агент во својата агенција за недвижности лажно им прикажувал факти на оштетените дека е овластен од различни сопственици да ги продава нивните станови на други лица. Откако ќе ги огласел становите, ги покажувал пред потенцијалните купувачи, договарал продажба и наплаќал средства на име капар, но потоа не доаѓало до склучување купопродажен договор, а уплатените средства не ги враќал“,
стои во соопштението од ОЈО.
Во истражувањето на случајот, МИА откри дека агентот на повеќе купувачи им земал капар за еден ист стан, притоа, двајца од купувачите платиле и данок за промет на недвижности за истиот стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра. За да плати данок за истиот стан тргнал и третиот оштетен, кој навреме дознал за измамата и веднаш ја повлекол пријавата за утврдување на данокот на промет на недвижности поднесена до Град Скопје. Од Град Скопје за МИА во врска со овој случај изјавија дека поради тоа што е во истражна постапка сите дополнителни информации се во тајност.