Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека од Општина Центар немаат добиено елаборат за суспензија на ДУП. Тој вели дека имале состанок со градоначалникот Саша Богдановиќ на кој разговарале за оваа тема и ако елаборатот биде доставен Министерството ќе се произнесе во предвидениот рок по Законот за урбанистичко планирање.
„Ние во Министерството немаме добиено таков елаборат за суспензија. Затоа утринава имавме состанок на кој сум информиран дека Советот на Општина Центар денеска ќе донесе одлука како да постапи во однос на ова прашање. Тие потоа нас ќе нѐ информираат. Ако е одлуката во насока на суспензија, ќе треба да достават елаборат до Министерството и на што ние ќе дадеме свое мислење во рок од 15 дена“,
изјави Бочварски.
Тој рече дека ако се бара суспензија на целиот ДУП тогаш таа може да трае 12 месеци за да се донесе нов план, а ако се суспендира дел од планот тогаш суспензијата може да трае шест месеци за да се изврши промената.
„Законот за урбанистичко планирање нуди можност за суспензија, но барање за неа мора да потекне од општината, а потоа сите институции ќе дадат мислење“
додаде Бочварски.
Градоначалникот на Центар , Саша Богдановиќ, уверуваше дека постапил по одлуката на Советот на Општина Центар од декември и поднел барање за суспензија. И од Општина Центар информираа дека биле испратени документи за сите спорни ДУП-ови до министерството за транспорт, од каде што чекале појаснување за дополнителни насоки што да преземат, како и дека се чекаат тарифници од Комората на архитекти.
Советот на Општина Центар уште во декември го задолжи градоначалникот да покрене постапка по член 23 од Законот за урбанистичко планирање, односно да побара суспензија за спорните детални урбанистички планови. Но досега суспензија сѐ уште не е официјално побарана, што остава можност за градба на сите локации што не се во согласност со ГУП и беа под мораториум.