Модуларната болница за ковид-пациенти во Тетово сѐ уште не е ставена во употреба, затоа што имало грешка во градежните работи. Економскиот директор на Клиничката болница Тетово вели дека Министерството за здравство направило примопредавање, но очекувањата се болницата да проработи наредната недела. Објектот сѐ уште не е поврзан ниту со централниот систем за снабдување со кислород.
„Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата од каде што ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Системот е дојден до Инфективно и може да се поврзе. Ако не излезат други проблеми, наредна недела се надеваме дека ќе се пушти во употреба,“
изјави Артан Етеми, економски директор на Клиничка болница-Тетово.

Модуларната болница ќе има капацитет за 35 пациенти. Сега во неколку објекти на Клиничката болница се хоспитализирани 41 пациент.
„Не е проблемот во креветите. Каде и да се болните, тешка е болеста. Голема е болницата и не сме имале страв дека ќе ни се случи ситуација да немаме кревети. И без модуларната, нема проблем и тешкотии“,
вели д-р Гзим Нуредини, координатор во ковид-центарот.
Модуларната болница во Тетово беше поставена кон крајот на јануари, но сѐ уште не е во функција.
