Српски државјанин предизвикал сообраќајна несреќа во близина на Ростушки мост, при што на местото на настанот загинало едно лице, а подоцна од повредите починало уште едно.
Како што информира Основното јавно обвинителство-Гостивар, постапката се поведува поради сомненија дека лицето сторило кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 и во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот на 13 април управувал со товарно возило влекач МАН со полуприколка со српски регистарски ознаки на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар. Во близина на Ростушки мост не ја приспособил брзината на условите на патот, па на влажмиот коловоз изгубил контрола врз камионот и се извртел. Притоа, полуприколката преминала на спротивната сообраќајна лента и удрила во патничко моторно возило ‘хундаи акцент’ со скопски регистарски ознаки кое се движело во спротивен правец“,
информира Обвинителството.
Во несреќата на самото место животот го загубил возачот на патничкиот автомобил, додека еден од сопатниците им подлегнал на повредите во болница. Другите двајца сопатници во автомобилот, исто така, се здобиле со тешки телесни повреди.
„Со цел да се спречи осомничениот да ја напушти државата, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за негово обезбедување во текот на кривичната постапка“,
соопшти Обвинителството.
