Бројката од 1 200 жители во комплексот наречен „Гранд“, кој треба да се гради на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“, не е преголема, тврди архитект Мартин Пановски. Тој, заедно со инвеститорите од „МГ фешн“, на денешната јавна презентација на проектот најави дека „Гранд“ ќе има 6 500 м2 зелена површина и потенцира дека катноста ја намалиле речиси за трипати повеќе од предвидената во ДУП, каде што имаше можност за изградба на 60-катници.

„Не планираме да изградиме бетонски чудовишта, туку модерен, целосно еколошки и енергетско ефикасен проект, изработен според највисоки еко стандарди и согласно сите законски прописи во земјата“
изјави Илија Божиновски, управител на „МГ фешн“.
Во ДУП ниту во идејното решение не е предвидена изградба на градинка или училиште, но архитектите велат дека има можност за отворање приватни образовни установи во деловниот простор.
„Моја претпоставка е дека во секој од објектите ќе имате градинка бидејќи домувањето е на едно повисоко ниво, значи не станува збор за социјално домување, станува збор за објекти кои ќе имаат тековно одржување. Во центар на град е сосема нормално да се стави градинка во приземје или мезанин. За училиште ние побаравме податоци колку деца учат во околните училишта, но никој од надлежните не ни даде таква бројка“
изјави Мартин Пановски, архитект.

Во проектот е предвидено да се градат две станбени згради и една деловна зграда. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, со 400 стана, а деловната зграда ќе биде со приземје и 16 ката. Станбените згради ќе гледаат кон кејот на Вардар. Влез и излез на возилата е предвидено да има подземно преку улицата „Мирче Ацев“, која би требало да прерасне во булевар со 4 ленти, а излез ќе има и на улицата покрај кејот. За жителите во комплексот ќе има паркинг-простор за 969 возила на три нивоа.

Во однос на петицијата на граѓани и архитекти да се стопира градењето на зградите, архитект Јана Гугуловска рече дека јавноста била изманипулирана со лажна макета од огромни згради, што се согледува и преку називот на петицијата „Не за бетонски чудовишта“, но тоа, според неа, не е реалната слика на просторот.
Инвеститорите се согласија дека ДУП по кој градат не е во согласност со ГУП од 2012 година, но не ги коментираа постапките за евентуална суспензија на планот.