Одлуката денеска е усвоена на седницата на Владата
Државните органи овие трошоци за угостителски услуги ќе ги објавуваат јавно на вебстраните на институциите
Функционерите ќе имаат ограничени средства што можат да ги потрошат за работен ручек. Ваква одлука денеска ја усвоила Владата на предлот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот.
Според одлуката, трошоците за работен состанок во некој од угостителските објекти во земјава се ограничуваат по лице, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на оној кој го организира – премиерот, замениците, министрите, замениците министри, генералниот секретар на Владата, неговиот заменик, државни секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата.
Целта на одлуката, како што објаснуваат од Кабинетот на вицепремиерот што ја предложил одлуката, е да биде еден вид дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето на буџетските средства.
Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картица, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал. Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци. Во случај на пречекорување на дозволните лимити за угостителски трошоци, лицата кои го сториле пречекорувањето ќе мора да го надоместат пречекорениот износ на финансиски средства, најдоцна во рок од три работни дена од денот кога се одржал работниот состанок.
Државните органи пак, се обврзуваат овие трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на вебстраните на институциите.
За непочитување на оваа одлука, функционерите ќе одговараат по Кодексот за етичко однесување.