Поранешниот директор на БЈБ, според информациите, попладнево е префрлен во приватна клиника откако вчера првично бил хоспитализиран во модуларната болница во Штип, каде што издржува 16-годишна затворска казна
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој од мината недела е со потврден ковид-19, со влошена здравствена состојба вчера бил хоспитализиран во штипската модуларна болница, а од попладнево е префрлен на лекување во приватна клиника, јавува ТВ24.
Тој еден од седумтемина осуденици во штипскиот затвор кои се позитивни на коронавирусот. Во изолација се уште 13 осуденици кои засега не покажуваат симптоми на вирусот.
Од Управата велат дека се почитуваат здравствените препораки и сите што имале контакти со позитивните на вирусот се изолирани во едно крило од затворот.
Чавков, како поранешен директор на БЈБ, издржува затворска казна од 16 години, која ја доби во судскиот предмет за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.