Адвокатите на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, и денеска не се појавија на рочиштето за случајот „Рекет“ поради здравствени причини.
Денеска требаше да сведочи обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“. Таа и денеска се појави во судницата, но нејзиното сведочење, како и во понеделникот, се одложи поради истите причини.

Судијката Васка Николовска-Масевска следното рочиште го закажа за понеделник, 27 јануари. Тогаш, ако не дојдат адвокатите, Јанева ќе добие бранител по службена должност. Како што кажа судијката, Фрчковска побарала одлагање бидејќи е спречена да присуствува на судењето од здравствени причини и дека доставила лекарски извештај дека прима терапија и дека е на отворено боледување од 20 јануари.
Кадиев уште за минатото рочиште во понеделникот испратил медицинска документација, а претставник на неговата адвокатска канцеларија тогаш рече дека тој е хоспитализиран, до петок има терапија и оти најверојатно ќе биде пуштен од болница за претстојниот викенд.
Судијката рече дека од медицинската документација не може да се утврди кога адвокатите би можеле да дојдат на судење и побара од Јанева да се изјасни како ќе продолжи да се брани во случајот, дали останува на истите адвокати, дали ќе назначи нов или треба да ѝ се одреди бранител по службена должност.
„Јас си имам бранители, само тоа можам да кажам“, рече обвинетата ексобвинителка. На повторното прашање на судијката, која потенцираше дека не може да се оди во недоглед со одлагања, Јанева рече дека не сака да биде погрешно сфатена и дека одлуките се на судот.
„Не може да се утврди од доставената медицинска документација до кога би траело ова. Ако в понеделник не се појави некој од бранителите, судот ќе побара да биде назначен бранител по службена должност кој ќе може да ѝ обезбеди квалитетна одбрана на обвинетата, со оглед дека ова е притворски предмет и треба да се заштитат правата на тоа лице“, рече судијката Николовска-Масевска.
Во случајот „Рекет“, Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба, а Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
*Поврзан текст
„Рекет“ се одложи: Стефанова дојде да сведочи, адвокатите на Јанева се разболеле