Пратеникот Арбер Адеми го обвини лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, дека манипулира со бројките за ситни политички поени
Не се ни 70 илјади ни седум илјади. Бројот на барањата за државјанства што се во процедура се нешто над 2 600, од кои помалку од 1 300 се од Албанци, рече денеска пратеникот од ДУИ, Арбер Адеми.

Тој на прес-конференција во Собранието ја презентира, како што рече, статистиката од последните 30 години за поднесени барања за стекнување државјанство на оние што се стекнале, оние што се одбиени и оние што се во постапка. Тој ја обвини опозицијата за манипулација со бројки.
„Во периодот од 1991 до 2021 година, односно за 30 години од независноста, со македонско државјанство се стекнале 43 321 Албанец, а одбиени се 3 374 барања. Во постапка за државјанство се над 2 674 барања, од кои помалку од половина, односно помалку од 1 300, се поднесени од Албанци“,
рече Адеми.
Тој рече дека дури и да се работи само за едно барање, ова прашање ќе се реши бидејќи е прва точка од политичкиот договор. Но, рече дека Села манипулира со бројката за да добие ситни политички поени.
„За неколку дена од опозицијата излегоа со дијаметрално спротивни ставови во врска со нивните претходни партиски ставови. Зијадин Села во некои медиумски настапи манипулира со албанската јавност, неговите изјави се несериозни и трагични. Со манипулација за бројот на лицата што немаат државјанство се обидува да добие ситни политички поени. Села еднаш вели 70 илјади немаат државјанство, па потоа 7 илјади или помалку лица се без државјанство“,
рече Адеми.
Тој ја повика повика албанската опозиција да престане со манипулација на чувствата на Албанците и да ја игра улогата на вистинска опозиција, односно да биде коректор на власта и дека ќе се откаже од блокадата на Собранието со која 16 000 лица се останати без плати поради тоа што не се изгласани законите за економските пакети.