Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се одржи рочиште за случајот „Рекет“ на кое треба да сведочи обвинителката Лиле Стефанова откако минатото рочиште се одложи поради отсуство на адвокатите на обвинетата Катица Јанева.

Сепак, неизвесно е дали бранители на поранешната специјалната обвинителка и денеска ќе се појават во судница со оглед дека нивното отсуство беше од здравствени причини. Еден од адвокатите, Дељо Кадиев, како што беше посочено во понеделникот, е хоспитализиран и претставникот од неговата адвокатска канцеларија рече дека тој до петокот има препишано терапија и оти најверојатно ќе биде пуштен викендот. Адвокатката Ирена Фрчковска, пак, во понеделникот го известила судот дека и таа од здравствени причини не може да присуствува, но за неа немаше доставено медицинска документација, а претставникот од нејзината канцеларија најави дека ќе биде доставена до судот.
Сепак, судијката Васка Николовска-Масевска, го презакажа рочиштето од понеделникот за денеска, посочувајќи дека не е задолжително двајцата адвокати да бидат присутни туку дека Јанева може да биде застапувана само од еден од нив.
Покрај закажаното рочиште во Основниот кривичен суд, денеска попладне во Апелација треба да се одржи седница и за жалбата на првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13 со која тој бара да му се укине мерката притвор.
Тој во предметот е обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со нив беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој призна вина и доби казна затвор од три години.
Што е познато за Лиле Стефанова и случајот „Рекет“?
Сведочењето на Лиле Стефанова во „Рекет“ ќе биде второ сведочење на обвинител од СЈО откако пред неа како сведок се појави Елизабета Јосифоска.
Стефанова и во времето на СЈО, но и сега, го води случајот „Империја“ каде што еден од осомничените е бизнисменот Орце Камчев, кој беше првиот сведок во „Рекет“ и во судница раскажуваше како му биле барани пари за да добие поповолен третман.
Името на обвинителката се споменуваше и во снимките што ги објавуваше италијанскиот весник „Ла Верита“.
Орце Камчев првпат ја спомена Лиле Стефанова прашувајќи го Боки 13 дали таа е со нив, но не доби потврден одговор. Од снимката можеше да се слушне и како бизнисменот кажува дека Ванчо Чифлиганец му барал дуќан за стоматолошка ординација за Стефанова. За ова, пак, Чифлиганец потоа излезе со демант, а преку писмена изјава демантираше и самата Стефанова.
Таа посочи дека Камчев и Цветан Панделески, уште еден бизнисмен осомничен во „Империја“, се обиделе да извршат влијание врз предистрага користејќи го нејзиното познанство со Чифлиганец.

„За оваа ситуација јас на состанок ги известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата што се одржа во просториите на СЈО, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за ‘неговите пријатели’, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме што било во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име“,
наведе Стефанова потенцирајќи дека споменувањето на нејзиното име од бизнисменот во снимка што тој ја снимил е за нејзино дискредитирање.
Обвинителката се спомена во уште една снимка објавена на „Ла Верита“, а во која телефонски разговараа Боки 13 и Орце Камчев. Во еден момент кога Боки 13 вели дека бизнисменот „се плаши од Лиле“, специјалната обвинителка се вмешува и кажува: „Јас сум многу ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене таа не може ништо“.
Во писмената изјава со која излезе Стефанова во август лани, покрај демантот за стоматолошката ординација, таа наведе и неколку ситуации поврзани со нејзината тогашна шефица, Катица Јанева.
Обвинителката посочи во декември 2018 изразила несогласување со одлуката на Јанева мерката притвор за Камчев да се замени со куќен притвор, како и со согласноста која по неколку месеци ја дала шефицата за времен пасош на осомничениот. Тој период, нагласи Стефанова, бил додека користела годишен одмор.
Обвинителката во изјавата раскажа и за состанок во СЈО одржан во април 2019, за кој зборуваше и нејзината колешка Јосифоска.
„Во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а се однесуваа на дејствија во предметите ‘Империја’ и ‘Поштенска банка’. Конкретно, ни беше наложено до неа да доставиме писмени извештаи за отштетата во двата предмета што осомничените треба да ѝ ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени’ и осомничените ‘да не одат во затвор’. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител“,
наведе Стефанова во изјавата.
Токму обвинителот Бурим Рустеми е уште еден од поранешниот тим на Јанева кој ќе сведочи во случајот „Рекет“, а на листата за следни сведоци е и шефицата на кабинет на поранешната специјална обвинителка.
Камчев барал Стефанова да биде изземена од „Империја“ поради „Рекет“
Орце Камчев ја споменуваше Стефанова и кога се појави како прв сведок во случајот „Рекет“.

Тој сметаше дека Јанева и Јовановски, не се единствените што треба да седат на обвинителна клупа туку друштво треба да им прават уште неколку луѓе, меѓу кои и обвинителката Лиле Стефанова и адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова. И бизнисменот и неговата сопруга Ана Камчева тврдеа дека Димишков барал пари кога на средба кажал дека има ПИ мерки против Камчев. Поради тоа што адвокатот ја имал оваа информација, Камчев сметаше дека е вмешана и неговата сестра, судијката Димишкова.
Од истите причини, тој деновиве барал од случајот „Империја“ да бидат изземени Стефанова и Димишкова, но неговите барања биде одбиени од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде што сега се наоѓа „Империја“ кој е во рацете на Стефанова, и од Основниот кривичен суд Скопје каде работи судијката.