Се работи за 2 000 дози што ќе пристигнат на софискиот аеродром
Денеска завршува вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура и од среда продолжува вакцинацијата по возрасни групи
Пратка од 2 000 кинески вакцини денеска треба да пристигне во земјава, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Тие се донација од Обединетите Арапски Емирати, договорени во февруари и се всушност првите вакцини од кинески производител што ќе стигнат кај нас, иако подолго време се преговара со „Синофарм“.
Денеска завршува вакцинацијата на вработените во критичната структура како МВР, Армијата, судството, вработените во градинките и наставнците од прво до трето одделение, техничкиот персонал во Собранието, а од среда сите вакцини што се останати од оние 20 000 „спутник В“ ќе бидат распоредени во вакциналните пунктови низ цела држава и ќе се вакцинира населението по возрасни групи.
Пријавувањето оди преку интернет-страницата Вакцинација.мк и матичните лекари.

Денеска се вакцинираше и првата група новинари над 40 години и со хронични болести, а нивната вакцинација ќе продолжи следните денови.

„Новинарите и медиумските работници имаат секојдневно близок контакт со вирусот и многу контакти и затоа е многу важна вакцинацијата за нивна заштита и за заштита на сите со кои контактираат. Оваа стратегија за вакцинирање на ова работоспособно население ќе даде добри резултати бидејќи во медиумите гравитираат многу луѓе, како новинари така и гости“,
рече Младен Чадковски, претседател на Здружението на новинарите.