Од владејачката СДСМ велат дека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обидел да ја саботира полициската акција за незаконско издадените патни исправи. Тие обвиуваат дека токму опозициската партија е поврзана со овој скандал.
„Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да биде вмешана во скандали со патни исправи. Зад нив е скандалот со гласачите од Пустец на локалните избори во Општина Центар во 2013 година, кои преку документи издадени од МВР беа впишувани повеќе од 100 лица на една иста адреса, во обид да се фалсификува волјата на граѓаните. Во 2017, двајца истакнати кадри на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа на високи позиции во УБК за време на режимот, со македонски пасоши со лажни идентитети преминаа во соседна Грција, за да избегнат кривичен прогон за сериозни кривични дела“,
велат од СДСМ.
Според нив, откако ВМРО-ДПМНЕ не успеала да ја саботира акција, сега се обидувале да ја префрлат одговорноста на институтциите кои ја спроведуваат акцијата
„Како што објави и самото МВР, истрагата за пасошите се води подолг период бидејќи се преземаат дејствија кои имаат и меѓународни импликации. Сето ова Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да го загрозат и со тоа потврдија дека остануваат на браникот на криминалот. Ваквото нивно однесување повлекува и истрага за утврдување на одговорност“,
велат од СДСМ.