Министерот за здравство, Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ повтори дека во текот на април се очекува во земјава да пристигнат околу 300 000 вакцини.
„Согласно најавите во април очекуваме, 200 000 кинески вакцини, од ’Фајзер‘ 11 000, 25 000 преку ЕУ, еден одреден дел од ’Спутник В‘, за кој не знаеме колкава количина. Понатаму останатата вакцина од Астра Зенека преку Ковакс механизмот“,
рече Филипче.
Тој соопшти и конкретни датуми, но изрази резерва бидејќи како што рече и претходните најави што ги добивале се изјаловиле.
„Очекувам некаде околу 15 април некоја од количините да стигне, а тоа се 76 000 преку Ковакс и некаде околу 19 април од нашиот директен договор со ’Фајзер‘ и исто така, некаде околу 20 април. Ама потенцирам, тоа е така како што нас ни најавуваат, можно е да има одложување од неколку денови зошто едноставно компаниите не може да испорачаат. Огромна е побарувачката насекаде во светот“,
рече Филипче.
Министерот зборуваше и за сериозноста на ситуацијата и апелираше да се почитуваат мерките. За тоа дали ќе се продолжат постојните кои завршуваат на 20 април, тој рече дека одлуката ќе се носи според тоа каков ќе биде трендот во наредниот период, а ја нагласи и важноста секој да се однесува одговорно.
„Многу е битно сега и верските лидери да сфатат дека ситуацијата е навистина сериозна, дека епидемиолошката слика може дополнително да ја искомплицира состојбата во болниците, нешто што сакаме да го избегнеме. Би сакал да ги повикам следната недела двајцата лидери, и на МПЦ и на ИВЗ и да ги замолам да упатат апел кон верниците – да останат дома оваа година, да не се групираат во цркви и џамии, да нема служби“,
рече Филипче.
