Работните групи, како што се потенцира, продолжуваат со креирање на наставните програми и за другите одделенија на основното образование
Првачињата во 2021/2022 учебна година ќе почнат учат по новите наставни програми, што денеска ги донесе Министерството за образование и наука, на предлог на Бирото за развој на образованието (БРО).
Бирото денеска соопшти дека наставните програми се изработени од работни групи составени од советници, наставници од основните училишта и универзитетски професори.
„Во текот на целиот процес на изработка на програмите, работните групи се консултираа и со експерти од области на кои се темели новата концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата и слично. Целата работа на работните групи беше координиранаод експертите кои ја подготвуваа концепцијата за да се обезбеди усогласеност на наставните програми“,
се посочува во соопштението од БРО.
Како што е наведено во соопштението, во програмите се наведуваат националните стандарди, базирани на компетенции, што учениците почнуваат да ги стекнуваат од прво одделение, а продолжуваат да ги развиваат во наредните одделенија.
„За секоја тема/подрачје од наставните програми се предвидени резултати што секој ученик треба да ги постигне, преку усвојување на наведните содржини и поими, а наставникот ќе ги следи и вреднува постигањата на ученикот преку дадените стандарди за оценување (кои опфаќаат најмалку четири нивоа на когнитивни постигања на учениците, согласно Блумовата таксономија: познавање, сфаќање, примена и анализа/евалуација/креирање). Стандардите за оценување ќе придонесат кон објективност и транспарентност во оценувањето и ќе им помогнат на наставниците во определувањето и оформувањето на критериуми за оценување“,
посочуваат од Бирото за развој на образованието.
Примерите на активности дадени во наставните програми се со акцент на активното учество на ученикот и даваат јасни насоки како наставникот треба да ги организира и реализира активностите на часот, преку експерименти, истражувања, решавање проблеми, дискусии со учениците.
Работните групи во БРО, како што се потенцира, продолжуваат со креирање на наставните програми и за другите одделенија на основното образование. БРО најавува продолжување со активностите, со обука на наставниците, изработување на наставни материјали и дидактички насоки со поддршка на сите чинители во образованието.
