Р0-факторот на коронавирусот паднал под 1, соопшти министерот по денешната координација со директорите на клиники
Р0-факторот на ширење на коронавирусот падна под еден, објави министерот за здравство Венко Филипче по денешниот состанок со директорите на клиники, ама предупреди дека е потребна претпазливост, затоа што вирусот е непредвидлив.
Филипче вели и дека е намален притисокот врз болниците.
„Утрово имав редовна координација со директорите на клиниките, ковид-центрите во Скопје. Деновиве е намален бројот на хоспитализации во болниците, но подготвени се дополнителни капацитети во болниците, како во Скопје така и низ државата“,
објави денеска Филипче на својот фејсбук-профил.
Справувањето со овој трет бран, кој е многу силен, посочува министерот, е исклучително тешко, не само кај нас туку насекаде во Европа.
„Според епидемиолошките анализи, Р0 факторот е паднат под 1 и се надеваме дека ќе остане така. Остануваме претпазливи, вирусот е непредвидлив и подмолен“,
напиша Филипче.
Вчера Филипче констатираше дека од почетокот на оваа недела не се чувствува истиот притисок во болниците. Не сакаше да избрзува, но вели дека големи се шансите врвот веќе да поминал.