И покрај лошиот резултат на партијата на Каракачанов, скептицизам околу позитивниот пробив во македонско-бугарските односи раѓаат и позициите на новиот играч на политичката сцена, шоуменот Слави Трифонов
Во очекување на финалниот исход од вчерашните избори во Бугарија, дел од познавачите на регионалните состојби не очекуваат радикален пресврт во политиката кон С Македонија, иако впечаток е дека носителите на т.н. тврда линија кон Скопје не успеаја да профитираат од таа политичка мисија.

Политичкиот аналитичар и член на Советодавната група за јавна политика – Балканот во Европа (БИЕПАГ), Флоријан Бибер, не е изненаден од скорот на тие структури и укажува дека националистите и радикалната десница доживеале сериозен неуспех, особено ако се има предвид нивниот однос кон „македонското прашање“.
„Ако се земат предвид изборните резултати, мислам дека можеме да кажеме дека ниту еден од оние што решија да го блокираат почетокот на преговорите на С Македонија со ЕУ не успеа да профитира од тој евтин национализам. Време е да се тргне напред“,
смета професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер.
Со ваквиот став на Бибер делумно се согласува и уредникот на надворешно политичката редакција на бугарски „Дневник“, Ангел Петров.
„ГЕРБ ќе поминеше уште полошо ако настапеше заедно со ВМРО, имајќи го предвид јавното мислење, според кое тие му помагаа на Каракачанов да ја гради својата позиција врз основа на односите Скопје-Софија. Се разбира, навистина е време да се тргне напред“,
смета Петров.
Но, и покрај лошиот резултат на партијата на Каракачанов, скептицизам околу позитивниот пробив во македонско-бугарските односи раѓаат и позициите на новиот играч на политичката сцена, шоуменот Слави Трифонов.
Тамошните медиуми потсетуваат дека на 3 ноември минатата година, кога Бугарија ѝ стави вето на С Македонија за отпочнување на преговорите со ЕУ, Трифонов на својот фејсбук-профил напиша дека до компромис може да дојде единствено ако Македонија ги признае своите бугарски корени.

„Мојот предлог кон Македонците, се извинувам, Северномакедонците – ако тие ги признаат своите историски бугарски корени, ние ќе ја признаеме сегашната состојба а тоа значи македонскиот јазик и македонската нација – тоа е најдобриот предлог што можат да го добијат. Нема да има подобар компромис за Ceвeрнa Мaкeдoнија. Ако таа не се сообрази со cвoитe иcтoриски бугарски корени, таа ќе постои, ама надвор од Европската Унија“,
пишува Трифонов на својот фејсбук-профил.
Овој негов став, според партискиот портпарол на „Има таков народ“, се смета за официјална позиција на движењето, кое сега е втора политичка сила во Бугарија.