Откако Комисијата за надзор над службите закажа редовна надзорна посета на АНБ, кај претседателот на ова собраниско тело стигна и барање од адвокатот Менкиновски пратениците да испитаат дали Агенцијата ги пречекорила овластувањата во случајот со притворањето на бизнисменот, врз основа на индиции за бегство
Додека членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на безбедносно-разузнавачките служби ја подготвуваа првата надзорна посета на новоформираната Агенција за национална безбедност (АНБ), што е закажана за утре (понеделник), во парламентот стигна барање од адвокатот Тони Менкиновски со кое, според информациите, се изразува сомневање дека Агенцијата ги пречекорила овластувањата во случајот со бизнисменот Орце Kамчев, кој е во притвор.
Во дописот до претседателот на собраниската Комисија за надзор над АНБ и над АР, Љупчо Пренџов од ГРОМ, адвокатот Менкиновски бара ова парламентарно тело да изврши контрола во АНБ и да утврди дали има неовластени постапки, злоупотреба и други неправилности во случајот со притворањето на Камчев и дали е постапено врз основа на судски наредби за спроведување мерки за тајно собирање информации и следење на комуникации.
Според информации на „360 степени“, барањето на адвокатот на Камчев стигнало во собраниската архива на 26 март или три дена по седницата на Комисијата за надзор над АНБ и АР, на која е донесен зклучокот за надзорна посета на АНБ на 5 април, а неколу дена подоцна и на Агенцијата за разузнавање. Според тоа, ова барање не е разгледано на седница на Комисијата, ниту, пак, е составен дел од заклучокот за спроведување на надзорот на АНБ, каде што ќе одат во контрола неколку пратеници од опозицијата и од мнозинството, кои се членови на надзорното собраниско тело и имаат безбедносни сертификати.
Затоа, пак, многу веројатно е барањето во врска со Камчев да ја фрли во сенка редовната цивилна контрола на АНБ, така што „истрагата на пратениците“ би се фокусирала на случајот со осомничениот и притворен бизнисмен, а не на целокупната работа на Агенцијата, која профункционира во 2019 година, откако згасна УБК, а согласно со препораките на експертскиот тим на Рајнхард Прибе за реформа на безбедносните служби и за засилен парламентарен надзор над нив, по аферата со масовното прислушување.
Претседателот на Комисијата за надзор над АНБ и на АР вели дека барањето на адвокатот на Камчев го добил во петокот и дека за тоа ги информирал другите членови на ова собраниско тело, на кои, како што вели, ќе им го покаже и документ пред утрешната посетатана Агенцијата. Во изјава за „360 степени“ Пренџов вели дека за време на посетата ќе разговара и за случајот со Камчев, во делот на она што е во надлежност на Комисијата, како и за други прашања во врска со работата на АНБ.
„Оваа надзорна посета е посебно значајна затоа што е прва од формирањето на овој собраниски состав, а мислам дека е прва и од формирањето на АНБ. Тука нема политика. Сите се согласуваме дека мора да се постапува во согласност со законските норми и дека целта ни е да се засили цивилната контрола над службите, за што имаше многу забелешки порано“,
вели Пренџов.

Од парламентарното мнозинство, пак, велат дека не се запознаени со содржината на барањето на адвокатот на Камчев и дека за тоа не е разговарано во надзорната Комисија.
На 14 март, поради опасност од бегство, Камчев доби 30-дневен притворза случајот „Плацеви на Водно“. Притворот го побара ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, по, како што беше информирано, добиена службена белешка од АНБ дека бизнисменот подготвува бегство.
Премиерот Зоран Заев изјави дека бил информиран од АНБ за случајот, со оглед на тоа дека станува збор за институција која е во надлежност на Владата. Според Заев, станува збор за сериозни причини кои биле основа да се поднесе белешката до Јавното обвинителство, кое потоа побарало притвор.
Од друг аспект, случајот „Камчев“ го испитувал и омбудсманот, по претставка на неговата одбрана дека во истражниот затвор „Скопје“ бизнисменот се соочувал со тортура и со нехуман и деградирачки третман.
Народниот правобранител Насер Зибери изјави за „360 степени“ дека тој лично не го посетил Камчев, туку тоа го направиле службите, кои изготвиле извештај и го доставиле до бизнисменот и до неговите адвокати. Зибери вели дека нема формулација „нехуман третман“, туку констатација дека Камчев бил сместен во несоодветни услови, што сега е надминато.
Од Управата за извршување санкции, пак, реагираа дека притвореникот Орце Камчев добива третман како секое друго притворено лице во Северна Македонија, отфрлајќи ги наводите за нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето.