Премиерот Зоран Заев, попладнево, одговарајќи на новинарско прашање, одби да ги коментира информациите кои АНБ ги дала во службената белешка за Камчев бидејќи се строго доверливи, но може да каже дека станува збор за сериозни причини кои биле основ да се поднесе белешката до Јавното обвинителство
Агенцијата за национална безбедност вечерва преку соопштение потврди дека до надлежното Јавно Обвинителство доставило информација за добиени сознанија за дека Орце Камчев се подготвувал да избега во странство. Ова како што се наведува, е во рамки на надлежностите на Агенцијата.
„Доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата за национална безбедност е должна веднаш да го извести надлежното Јавно Обвинителство. Со оглед на тоа што против именуваниот се води истражна постапка, заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од член 273 од Кривичниот законик, надлежното Јавно Обвинителство достави предлог за определување мерка притвор, а судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена,
се вели во соопштението од АНБ.
Премиерот Зоран Заев, попладнево, одговарајќи на новинарско прашање, одби да ги коментира информациите кои АНБ ги дала во службената белешка за Камчев бидејќи се строго доверливи, но може да каже дека станува збор за сериозни причини кои биле основ да се поднесе белешката до Јавното обвинителство кое понатаму си одлучило дали од судот да побара притвор или не.
Заев вели дека бил информиран од АНБ за случајот со оглед дека станува збор за институција која е под надлежност на Владата и тоа е дел од нејзината работа.
Камчев, во неделата (14 март) поради опасност од бегство доби 30-дневен притвор во случајот „Плацовите на Водно“ каде е еден од осомничените. Притворот го побара ОЈО за гонење организиран криминал и корупција по добиена белешка од АНБ дека бизнисменот подготвува бегство.
Судот попладнево му ја одби жалбата, и тој останува во притвор.