Притвореникот бил однесен и на кардиолошки преглед, каде што е констатирано дека нема медицински проблеми кои би значеле негово лекување, велат од Управата, по наводите за нехуман третман на бизнисменот
Притвореникот Орце Камчев добива третман како секое друго притворено лице во Северна Македонија, тврдат од Управата за извршување на санкции во реакција по информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на бизнисменот во затворот „Скопје“.
„Управата за извршување санкции најкатегорично ги демантира информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на притвореникот Орце Камчев. Притвореното лице е сместено само, а досега врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повикана и Брза помош“,
се наведува во реакцијата.
Дополнително, додаваат од Управата, на 21 март, притвореникот Камчев бил однесен и на специјалистички кардиолошки преглед, каде што е констатирано дека нема медицински проблеми кои би значеле негово лекување, по што е вратен на издржување на мерката притвор.
На Камчев на 14 март му беше определен 30-дневен притвор поради индиција на Агенцијата за национална безбедност за бегство.
Орце Камчев е еден од осомничените во случајот „Плацеви на Водно, “ за кој обвинителката Вилма Рускоска информираше дека истрагата е при крај. Во „Плацеви на Водно“ првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски, за кого истрагата покажала дека со пари на партијата си купил плацеви во вредност од 1,3 милиони евра.