Девојката кај која се појави тромбоцитна реакција по вакцинацијата со „Астра Зенека“ се чувствува добро, има добра клиничка слика, стабилна и е надвор од животна опасност, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Засега, според него, нема друг ваков случај во земјава.
Министерот повтори и дека за „Астра Зенека“ ќе се чека официјалниот став на Европската агенција за лекови (ЕМА), а во меѓувреме, продолжува имунизацијата на повозрасните категории граѓани со оваа вакцина.
„Ние бевме многу внимателни и сè уште сме. По укажувањето на германската и канадската агенција дека има такви случаи, со што го паузираа давањето на ова вакцина на ‘Астра Зенека’ на помлади возрасни групи, чекаме официјален став од ЕМА, која следната недела треба да има и официјален состанок и ќе го почекаме тој став затоа што сигурноста на пациентите односно на граѓаните ни е на прво место. Многу е веројатно дека ќе се докаже тоа дека асполутно ризикот да се заболи од тешка форма на ковид е многу поголем отколку компликациите што се јавуваат од вакцината што значи дека вакцината ќе се препорача и за помладата категорија граѓани, но додека не го добиеме тој официјален став на ЕМА, нема да брзаме“,
рече Филипче.