Министерот за здравство Венко Филипче се огласи на социјалните мрежи со пораки дека вакцината на „Астра Зенека“ е безбедна за лицата што се вакцинираат од утрово (над 77 години), како и дека нема простор за паника.
„Информациите од регулаторните тела од Германија и Канада од вчера се дека оваа вакцина привремено ќе ја користат само кај популација постара од 60 години. Исклучително ретки случаи на посериозни тромботични несакани ефекти од ‘Астра Зенека’ засега се појавиле само кај помладите од 60 години. Статистички, само 1 случај на 125 000 вакцинирани до 1 на 1 милион вакцинирани појавил вакви ефекти, што значи дека нема простор за никаква паника. Заради претпазливост, бидејќи сакаме да сме сигурни, засега нема да почнеме со вакцинација на помлади граѓани од 60 години со оваа вакцина до следните конкретни препораки од регулаторите и производителите“,
потенцира Филипче.
На состанок денеска со Комисијата за безбедност во Агенцијата за лекови МАЛМЕД ќе се разговара за да евентуално да се обратат до Европската агенција за лекови (ЕМА) и директно до германското Министерство за здравство за да добијат повеќе информации.
Вакцинираните во Србија не треба да прават ништо превентивно
Министерот се обраќа и до граѓаните што се вакцинираа со „Астра Зенека“ во Србија со порака дека засега не треба да прават ништо превентивно.
„Сериозни компликации се исклучително ретки, како што веќе кажав, и кај нив исто така нема простор за паника. Сите граѓани што примија една доза вакцина ќе бидат и ревакцинирани, согласно препораките што ги очекуваме во следниот период“,
вели Филипче.
Како што веќе објави и пред медиумите, во земјава досега е регистриран еден случај на 28-годишна девојка со тромботичен ефект, кој се поврзува со примање на една доза на вакцината „Астра Зенека“.