Во најновиот извештај за состојбата со човековите права се наведуваат случаи на насилство и закани кон новинари, корупција на високо ниво, примери на насилство и закани кон членови на ЛГБТИ-заедницата
Насилство и закани за насилство врз новинари, корупција на високо ниво и случаи на насилство и закани за насилство врз припадници на ЛГБТИ-заедница, се позначајните повреди што ги констатира Стејт департментот во најновиот извештај за човековите права во Северна Македонија, но и дека Владата презела чекори за да ги идентификува, истражи, гони и казни службениците што извршиле злоупотреби.
За корупцијата, во еден дел, се забележува дека постојат извештаи за вмешаност на официјални лица во корупцијата.
„Законот превидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица. Владата, генерално, го спроведуваше законот, но имаше извештаи за официјални лица вмешани во корупција. Невладините организација забележуваат дека Владата има доминантна улога во економијата, што создава можности за корупција“,
пишува во извештајот.

„Обвинителите не одговараат“
Стејт департментот, повикувајќи се на извештајот на Европската комисија, констатира дека власта покажала поголема почит кон независноста на правосудството.
„Земјата воспостави механизми за да се обезбеди судска независност и отчетност, вклучително и креирање правила за проверка на имотот и судир на интереси и утврдување дисциплински постапки. Извештајот на ЕК на 2 март, исто така, забележа позитивен случувања, вклучително и усвојување на нов закон за ОЈО и подобрувања во евиденцијата на земјата во борбата против корупцијата и организираниот криминал, исто така забележувајќи дека судството останува недоволно финансирано, подложно на политичко влијание и со слаба доверба од јавноста“,
пишува во документот.
За одговорноста на судии се наведува податокот дека Судскиот совет добил 283 жалби за погрешно судско постапување, а посебно Судскиот совет примил 60 официјални барања за отстранување или дисциплинска постапка против судии.
Во однос на судиите поротници, во дел од извештајот се забележува дека поротниците, според набљудувачите, се недоволно платени поради што се подложни на корупција или надворешен притисок.
Во еден дел, пак, се дава сериозна забелешка за обвинителството.
„Законот предвидува рокови за да се избегнат долги кривични постапки. Генерално, обвинителите треба да ги завршат истрагите во рок од 6 месеци, иако истите може да се пролонгираат на 12 месеци во посложените случаи и на 18 во случаите со организиран криминал во координација со претпоставениот. Во пракса, обвинителите често ги надминуваат овие рокови и не сносат последици за нивно неисполнување“,
забележува Стејт департментот.
Во однос на случаите покренати од СЈО, во извештајот е влезено дека обвинетите се жалеле дека судот не им дава време да подготват одбрана, но од друга страна се посочува дека тие имаат право да комуницираат со адвокат по нивен избор, на судењата можат да испрашуваат сведоци и да презентираат докази.
Стејт департментот констатира и дека нема извештаи за политички затвореници.
Слобода на говор и медиуми
Во однос на слободата на говор, во извештајот се забележува дека законот санкционира говор што поттикнува национална, верска или етничка омраза, а поединци може да ја критикуваат владата јавно или приватно. Меѓутоа, повикувајќи се на извештаите од „Хелсиншкиот комитет“ и други активисти, Стејт департментот забележува дека има зголемување на говорот на омраза по етничка основа, како и во врска со ковид-19.
Во однос на медиумите, пак, се констатира дека, иако медиумските известувања главно се поделени по политичка линија, бројот на независни медиуми кои „активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжил да се зголемува“.
Исто така, се наведува и дека рекламирањето на централната власт е забрането, но е дозволено рекламирањето на локалните самоуправи.
Забелешка Стејт департментот дава во однос на насилството кон новинарите.
„Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за медиумските работници, а тоа генерално се почитува. Медиумското опкружување продолжува да се подобрува. Според Здружението на новинарите на Македонија, одговорот на властите во случаите со насилство и закани кон новинарите бил бавен и неефикасен“,
пишува во извештајот.
Прекумерна сила од полицијата
Исто така, во извештајот се посочува на неколку случаи на употреба на прекумерна сила од полицијата.
„Цивилните власти одржуваа ефективна контрола врз безбедносните сили. Припадниците на безбедносните сили извршија некои злоупотреби, вклучително и прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и затворските чувари“,
пишува во документот.