МНР веќе реагираше и упати протестна нота до Бугарија, а најави дека ќе реагира и до ЕУ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва излезе со осуда за изјавите во предизборниот спот на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД нарекувајќи ги негаторски и шовинистички.
Паралелно, партијата ја повикува и владата да не молчи.
„ВМРО-ДПМНЕ ги осудува негаторските и шовинистички изјави на Ангел Џамбаски кон постоењето на Македонија. Владата мора да има системски одговор на ваквите провокации и навреди. Ова ли е заедничкото пријателство за кое збори Заев? До кога ќе молчи македонската влада на ваквите негаторски и шовинистички изјави? Ова доаѓа откако и самиот Заев даде скандалозни толкувања за јазикот, историјата и идентитетот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за надворешни работи (МНР), пак, веќе реагираше и упати протестна нота до Бугарија, а најави дека ќе реагира и до ЕУ.
Џамбаски објави скандалозен предизборен спот во кој вели дека „Македонија е бугарска“ и во кој искажува територијални претензии.
„Драги, велам ’драги‘ од воспитување, привремени владетели на нашата, на мојата Македонија – не можете да живеете во 21. век без да го признаете 20. век. Колку повеќе лажете, толку повеќе вистината ќе сјае. Колку пожестоко ја измислувате својата лажна приказна, толку посилно ќе се срушат лажните темели врз кои сте ја граделе својата мизерна сегашност. Колку повеќе хистерично ја мразите Софија, толку повеќе Охрид останува бугарски. Колку погласно ги кажувате вашите лаги, толку побрз и пострашен ќе биде вашиот крај“,
вели европратеникот од ВМРО-БНД.