Ангелко Ѓорчев, пензиониран професор на Медицинскиот факултет при УКИМ, е татко на поранешниот пратеник и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев
Познатиот пулмолог Ангелко Ѓорчев, татко на поранешниот пратеник Владимир (Влатко) Ѓорчев, е 73-годишниот Македонец кој паднал во кома откако се вкацинирал вчера во Ниш, Србија.
Според информациите на „360 степени“ од Универзитетскиот клинички центар во Ниш, неговата состојба е непроменета.
Како што претходно изјави директорот на Центарот, Зоран Перишиќ, причината за влошувањето на состојбата на пациентот засега не е позната.
„Со оглед на тоа дека пациентот имал операција со четири бајпаса, направена е и коронарографија и сликани се и бајпасите, нема знаци за инфаркт, ништо не се случило околу срцето. Така што, тие причини се исклучени“,
вели Перишиќ.
На социјалните мрежи вечерва се огласи и неговиот син Влатко Ѓорчев кој вели дека татко му е во длабока кома, на респиратор и се бори за живот. Ѓорчев вели дека неговиот татко со уште неколку свои колеги – доктори вчера тргнал за Ниш за да се вакцинира зошто неговата земја потфрлила со вакцините.
„Инаку, проф. д-р Ангелко Ѓорчев се уште прегледува пациенти, со намален и повремен ангажман. На возраст од 72 години, како сè уште активен лекар, со 3 бајпаса и 3 стента, беше на некоја забаталена листа на чекање за вакцинација, која со месеци, месеци и месеци ја чекаше. Затоа отиде во Ниш заедно со неколку колеги доктори. Мислам дека отиде од револт, но и желба за имунизација, сакајќи повторно да се дружи со внуците и пријателите. Отиде без да ми каже, без да ми најави, а знам дека со месеци чекаше да се вакцинира во Скопје. Да бевме елементарно нормална држава, старите луѓе ќе беа вакцинирани уште пред неколку месеци. Кратко откако ја примил вакцината, му се слошило и загубил свест. Го реанимирале на лице место, па го однеле со брза помош на кардиологија, а од денес е на интензивна нега во новиот клинички центар во Ниш. Не знаеме колку долго не можел да дише. Не знаеме во која мерка му е оштетен мозокот поради немање на кислород. Сега е на респиратор, во кома. Не знаеме се уште дали се работи за инфаркт, анафилактичен шок, за редок шок предизвикан од реакција на вакцината, за комбинација од фактори или нешто трето. Сега е најважно да преживее“,
вели Ѓорчев.
Ангелко Ѓорчев е специјалист по пулмологија и алергологија, пензиониран универзитетски професор кој предаваше на Медицинскиот факултет во Скопје. Член е на повеќе домашни и меѓународни здруженија и има објавено над 200 трудови во стручни списанија и три книги.