Од ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на средбата брифираат дека на маса ќе се стават најжешките прашања – за влада, за пописот, како и дијалог за законите што ќе значат бенефит за граѓаните
Очекувам да најдеме заеднички решенија за пописот да се спроведе непречено, со целосна заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите и тој да го поддржи и ВМРО-ДПМНЕ, изјави за МИА премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, пред почетокот на денешната лидерска средба со претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски, која ќе се одржи во 13 часот во Клубот на пратеници.
„Одам да разговарам, да чујам став и да поттикнам да вложиме максимум за интересите на граѓаните“,
истакна Заев.
Нагласи дека останува отворен да разговараат и за прашања поврзани со работата на Собранието со цел да се отстранат сите блокади и да се обезбеди непречена работа во корист на народот, како и за темите поврзани со локалните избори наесен.
Од ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на средбата брифираат дека на маса ќе се стават најжешките прашања – прашањето за влада, темата со пописот, како и дијалог за законите кои ќе значат вистински бенефит за граѓаните.
„Состојбата во државата е загрижувачка. Дефакто освен економската, и здравствената криза, земјава се наоѓа и во политичка криза. Секојдневието во Македонија е триесетина мртви и над 1 300 новозаразени. Први по смртност, последни по вакцини во Европа и светот. Први по степен на корупција, последни по реформи. Очигледно е дека оваа Влада нема капацитет да ја води земјава, државата се наоѓа во деликатна и сложена состојба. Секој поминат ден е слободен пад и уште еден нов пораз“,
велат од опозициската партија.
Додаваат дека граѓаните од политичарите очекуваат одговорност и преземање крупни чекори и нагласуваат дека на лидерската ВМРО-ДПМНЕ оди со искрени намери и желба да понуди решенија за граѓаните.